До крајот на годината земјите од ЕУ ќе бидат подготвени со нов пакет санкции против Русија, кои ќе се однесуваат на нафтената флота која ги прекршува принципите на безбедна поморска пловидба, коментираат извори на „Bloomberg“.
Мерките најверојатно ќе бидат претставени во 2025-та година, кога ротирачкото претседателство ќе го преземе Полска. Во моментов на чело на ЕУ е Унгарија, која се смета за еден од најголемите сојузници на Русија во заедницата.
Според извори на „Блумберг“, ЕУ се уште разговара за можни санкции. Досега заедницата, Велика Британија и САД воведоа единечни ограничувања за поединечни бродови кои ги прекршуваат санкциите, главно поврзани со плафонот на цената на руската нафта. Сепак, тие се покажаа како неефикасни.
Во пакетот може да бидат одобрени и повисоки царини за руската земјоделска стока.
Претходно денеска европратениците одобрија незаконодавна резолуција со која се препорачуваат построги мерки против нафтените танкери чие ризично пловење е закана за животната средина.
Од почетокот на војната во Украина, ЕУ и земјите од Г-7 почнаа да разгледуваат мерки за ограничување на приходите од нафта во рускиот буџет со цел да се намалат средствата со кои Москва ги финансира воените дејствија. Како одговор, Русија купи десетици стари танкери за нафта, некои од нив наменети за отпад.
Тие ги заобиколуваат санкциите преку познати тактики – претовар на отворено море, исклучување на транспондерите за да не може да се следат нивните движења итн. Сепак, овој ризичен потег веќе предизвика неколку несреќи и излевање на нафта. Немањето сигурно осигурување го наметнува прашањето кој ќе ја покрие штетата во посериозни несреќи.
Затоа ЕП препорачува повнимателна контрола, вклучително и со сателити.