Советот на Европската унија и Европскиот парламент постигнаа договор за буџетот на ЕУ за следната година, со кој вкупните обврски се околу 192,77 милијарди евра, а вкупните исплати околу 149,62 милијарди евра.
Како што се наведува во соопштението на Советот на ЕУ, „буџетот за наредната година силно се фокусира на главните политички приоритети на ЕУ и се занимава со моментално тешкиот геополитички контекст“.
Како што се додава, годинава останаа на располагање 800,5 милиони евра во рамки на расходниот плафон од сегашната повеќегодишна финансиска рамка за периодот од 2021 до 2027 година, за да и се овозможи на ЕУ да реагира на непредвидени потреби.
Табелата што ја објави Советот на ЕУ покажува дека во рамки на буџетот за соседните земји и светот се утврдени обврски во износ од 16,3 милијарди евра и исплати во износ од 14,4 милијарди евра.
Обврските се законски обврзувачки ветувања за трошење пари за активности, чие спроведување трае неколку финансиски години.
Плаќањата ги покриваат трошоците кои произлегуваат од преземените обврски внесени во буџетот на ЕУ во текот на тековните или претходните финансиски години.
Европскиот парламент и Советот на ЕУ сега имаат 14 дена официјално да го потврдат постигнатиот договор.