Зајакнување на комуникацијата и соработката од областа на макроекономските движења и макроекономската рамка, размена на податоци, анализи и други релевантни материјали коишто се од заемен интерес, консултации и експертизи за проекти, пренос на стручни знаења и вештини, обуки и едукативни настани. Ова се придобивките коишто се содржани во Меморандумот за соработка помеѓу Народната банка и Фискалниот совет, којшто го потпишаа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев. На потпишувањето, присуствуваа и вицегувернерите Ана Митреска и Фадил Бајрами, како и членовите на Фискалниот совет, академик Абдулменаф Беџети и проф.д-р Марина Трпеска.
Координацијата помеѓу Народната банка и Фискалниот совет е од суштинско значење за постигнување долгорочна макроекономска стабилност. Фискалниот совет го следи спроведувањето на фискалните политики и фискалната одржливост, додека централната банка е засегната од влијанието на фискалните политики врз ценовната и финансиската стабилност. На средбата беше нагласена улогата на одржувањето на високото ниво на кредибилитет во работењето и независноста на институциите како важни фактори коишто придонесуваат за успешно остварување на целите.

