15 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАIfo: Економската политика на Трамп носи сериозни проблеми за Германија и ЕУ

Ifo: Економската политика на Трамп носи сериозни проблеми за Германија и ЕУ

Економската политика на Доналд Трамп, кој беше реизбран за претседател на САД, ќе донесе големи проблеми за Германија и ЕУ, смета минхенскиот економски институт Ifo.

Се очекува дека најавените високи дополнителни царини за увоз од други делови на светот ќе предизвикаат значителен пад на извозот во САД, но и во Кина.

„Трамп се залага за високо протекционистичка економска програма заснована на високи увозни тарифи и други ограничувања на меѓународната трговија, особено во односите со Кина и потенцијално Европа“, предупреди претседателот на Ifo Клеменс Фуест и препорача соодветни мерки на претпазливост до носителите на одлуки.

Германските извозници, за кои САД се најголемиот извозен пазар, ќе мора да се соочат со големи загуби доколку Трамп ги исполни предизборните ветувања за царини од 20% за увозот од сите трговски партнери и царини од 60% за увозот од Кина. Во исто време, Трамп постојано, дури и за време на оваа кампања, зборуваше многу негативно за односот на ЕУ со САД во економската и трговската сфера.

Според проценката на Ifo, ваквите мерки само во Германија би предизвикале економска штета од 33 милијарди евра. Германскиот извоз во САД би можел да се намали за околу 15 отсто, а извозот во Кина за околу 10 отсто, поради индиректните ефекти од падот на трговијата меѓу САД и Кина.

Германските компании лани извезоа стоки во САД во вредност од 157,9 милијарди евра, со што најголемата национална економија во светот стана најважниот германски извозен пазар деветта година по ред. Во меѓувреме, увозот од САД достигна 94,7 милијарди евра, што ги прави САД трето место меѓу германските увозни партнери.

Во меѓувреме, компании од цела ЕУ лани во САД извезле стоки во вредност од 502,3 милијарди евра, а од таму увезле 346,5 милијарди евра. ЕУ забележа трговски суфицит од 155,8 милијарди евра.

Поинаква беше ситуацијата во размената на услуги, каде американската економија е најсилна. Компаниите од ЕУ лани увезле услуги во вредност од 396,4 милијарди евра од САД, а таму извезле 292,4 милијарди евра. Со тоа ЕУ забележа дефицит од 104 милијарди евра во размената на услуги со САД.

„Мораме да бидеме подготвени САД уште повеќе да се оддалечат од отворената глобална соработка“, предупреди Лисандра Флах, директорка на Центарот за меѓународни економски односи на Ifo. Според неа, Германија и ЕУ сега мора да ја зајакнат својата позиција преку сопствени акции.

Меѓу нив, таа спомена уште поблиска интеграција во ЕУ во делот на пазарот на услуги и веродостоен одговор на очекуваните американски протекционистички мерки. Дополнително, европските земји и Унијата би можеле да ја зајакнат соработката со одредени американски држави кои повеќе се залагаат за отворени глобални економски односи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП