Инфлацијата е стабилизирана, додека централните банки внимателно ја нормализираат својата монетарна политика. Основните каматни стапки иако се намалуваат, сеуште се на повисоко ниво. Се очекува големите централни банки (Европската централна банка и Федералните резерви) да продолжат со олабавување на своите монетарни политики и во текот на 2025 година. Притоа, суштинска ќе биде координацијата помеѓу монетарната и фискалната политика, односно поддршката во понатамошното закотвување на инфлацијата преку фискалната консолидација, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска во своето обраќање на единаесетото издание на конференцијата „Ерсте инвесторс брекфаст“, којашто традиционално ја организираат „Ерсте банка“ и „Шпаркасе банка“.
Вицегувернерката посочи дека и покрај намалувањето на инфлацијата постојат повеќе ризици кои се поврзани со поголемата инертност кај цените на услугите, растот на платите и расположивиот доход, можни притисоци на страната на понудата, како и поддршката од фискалната политика. Фискалниот одговор во неколкуте изминати кризи ја поддржа економијата, но истовремено ги зголеми нивоата на дефицитите и јавниот долг. Притоа, во регионот се забележуваат извесни подобрувања кај дефицитот и јавниот долг, но се уште се над предпандемиското ниво. Во следниот период суштински ќе биде да се остане на патот на фискалната консолидација.

