Напорите на Швајцарија да постигне поблиски врски со Европската унија (ЕУ) можеби нема да бидат прифатени од гласачите, според новата анкета која покажува дека околу половина од нив се скептични кон блокот.
Анкетата доаѓа во време кога долгите и понекогаш контроверзни преговори меѓу претставниците на Швајцарија и ЕУ за промена на билатералните односи влегуваат во завршна фаза. Доколку постигнат договор, тој ќе мора да биде ставен на национален референдум.
Најголемата швајцарска политичка групација, екстремно десничарската Швајцарска народна партија, долго време беше критична кон давањето отстапки на ЕУ, а милијардерите основачи на „Partners Group Holding AG“ неодамна објавија дека се противат на разговорите.
Иако ги гледаат економските придобивки од пристапот до пазарот на ЕУ, на Швајцарците не им се допаѓа идејата за унија на заеднички вредности, покажа анкетата на „gfs.bern“ објавена во петокот. Наместо тоа, тие гледаат закана за суверенитетот и се плашат од губење на самоопределувањето. Скоро половина од испитаниците имаат „прилично негативно“ или „многу негативно“ мислење за ЕУ. Само 28% од учесниците во анкетата дале позитивен одговор.

Блокот и неговиот најголем партнер во централна Европа, кој не е дел од него, преговараат како да се препишат бројните договори што ги регулираат нивните односи.
Се очекува швајцарската влада да го оцени напредокот на почетокот на ноември, а двете страни сакаат договор до крајот на годината.
Онлајн анкетата на речиси 20.000 луѓе беше спроведена на крајот на септември за државната телевизија СРГ ССР. Околу 71 отсто од анкетираните ги поддржуваат преговорите, но луѓето се поделени околу тоа дали треба да се продлабочи соработката со ЕУ. Додека 37 отсто велат дека треба да се развие, 40 отсто сакаат да се ограничи.
„Ова покажува дека идентификацијата со заедничкиот европски проект не е толку длабоко вкоренета во Швајцарија како што е во многу земји-членки на ЕУ“, забележува „gfs.bern“ во својот извештај. „Наместо тоа, доминира прагматична перспектива ориентирана кон придобивките“, додаваат од институтот.
Главните причини за позитивните мислења во истражувањето се успехот на ЕУ како мировен проект, како и придобивките за економијата и слободната трговија.
Многу компании сакаат да задржат добри врски за полесен извоз и можности за ангажирање таленти. Економската канцеларија на владата во јуни соопшти дека швајцарскиот раст зависи од работниците од блокот.
Во едно неодамнешно интервју, Хелен Будлигер Артиеда, директорка на владиниот оддел во Државниот секретаријат за економија, изјави за „Bloomberg“ дека „ЕУ е и ќе остане најважниот економски и трговски партнер на Швајцарија“.
„Имиграцијата е многу чувствителна тема овде, но јас цврсто верувам дека не можеме без слободно движење на луѓето од ЕУ“, додаде таа.