11 мај, 2025
ПочетнаСВЕТАмериканско разузнавање: Во Русија има осум илјади севернокорејски борци

Американско разузнавање: Во Русија има осум илјади севернокорејски борци

САД добија информација дека во руската област Курск „во овој момент“ има осум илјади севернокорејски војници, изјави заменик-амбасадорот на САД во ОН Роберт Вуд на седницата на Советот за безбедност.

Вуд го прашал рускиот колега дали Русија се уште верува дека на нејзина територија нема севернокорејски војници, а рускиот претставник во 15-членото тело не му одговорил. Москва ниту го демантираше, ниту директно го потврди присуството на севернокорејски војници. Пјонгјанг првично исто така ги негираше тврдењата, но подоцна ја бранеше идејата за испраќање своја војска, велејќи дека тоа е во согласност со меѓународното право.

Во август оваа година, украинските сили влегоа во руската погранична област во областа Курск, каде што сè уште ја држат територијата. Советот за безбедност се состана во четвртокот на барање на Русија во врска со испораката на оружје од Запад во Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, од друга страна, го критикуваше отсуството на одговор на Западот кон Русија, откако таа ги вклучи севернокорејските трупи во војната.

Во четвртокот, тој истакна дека слабиот одговор од меѓународната заедница може да го охрабри рускиот претседател Владимир Путин да го зголеми тоа воено присуство. Украинскиот лидер во разговор за јужнокорејската телевизија КБС изјави дека верува оти Москва се обидува да постигне договор со Пјонгјанг за испраќање воени инженери и „голем број цивили“ да работат во руски фабрики за оружје.

„Путин ја проверува реакцијата на Западот и верувам дека по сите овие реакции ќе одлучи да го зголеми контингентот. Реакцијата денеска е ништо, нула“, посочи Зеленски.

Тој почна да предупредува за присуството на севернокорејски војници во Русија на 13 октомври. Западните сојузници тоа го нарекоа голема ескалација, но не одговорија со мерки ниту најавија дека ќе го сторат тоа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП