Доналд Трамп, републиканскиот кандидат на американските избори, изјави дека Европа ќе мора да плати „висока цена“ поради недоволниот увоз на производи од САД, доколку победи на претстојните избори.
„Тие (ЕУ) не ни ги земаат автомобилите. Не ни ги земаат земјоделските производи. Тие продаваат милиони и милиони автомобили во Соединетите Американски Држави. Не, не, не, тие ќе мора да платат голема цена“, рече Трамп на митинг во Пенсилванија.
Трамп вети дека ќе воведе царина од десет отсто за увоз од сите земји и 60 отсто за увоз од Кина, пренесува Ројтерс.
Тоа би ги погодило синџирите на снабдување ширум светот, што веројатно ќе предизвика одмазда и зголемување на трошоците, предупредуваат економистите.
Трамп, исто така, рече дека Тајван треба да им плати на САД за одбраната и дека, додаде, островот го презел бизнисот со полупроводници од Америка.
САД се законски обврзани да му обезбедат на Тајван одбранбени ресурси и покрај недостатокот на формални дипломатски врски, пишува Ројтерс.
Камала Харис ги предупреди десетици илјади луѓе собрани во Вашингтон на нејзиниот најголем митинг во вторникот дека нејзиниот републикански противник Доналд Трамп бара неконтролирана моќ.
„Ова е некој кој е нестабилен, опседнат со одмазда, опседнат со поплаки и бара неконтролирана моќ“, рече Харис.