„Со очекуваното воспоставување на Единствениот регистар на сметки, пропишан со Законот за платежни услуги и платни системи, покрај тоа што ќе се исполни едно од главните барања од Петтата директива на Европската Унија за борба против перење пари и финансирање на тероризмот, се преземаат и важни чекори за натамошниот развој на платниот систем на земјата и негова интеграција во платежната инфраструктура на Европската Унија. Воспоставувањето на овој регистар е значајно за приклучувањето во Единствената област за плаќања во евра ‒ СЕПА и за обезбедувањето на потребната регулативна и функционална еквивалентност, есенцијална за нашата позиција во европскиот економски простор“. Ова го порача вицегувернерката на Народната банка Емилија Нацевска во своето обраќање по повод одбележувањето на деновите на Централниот регистар, на кое присуствуваа и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и директорката на Централниот регистар, Анита Стамнова.
Вицегувернерката истакна дека Народната банка, преку користење на податоците од овој регистар, ќе може да го подобри извршувањето на супервизорските задачи, како и да ги зголеми сигурноста, стабилноста и ефикасноста на платниот систем на земјата, а сето тоа во прилог на стабилноста на финансискиот систем на државата.


