Економијата на САД порасна за 2,8 отсто на годишно ниво во третиот квартал, според првата проценка на американското Министерство за трговија.
И покрај тоа што економијата остана солидна и издржлива, бројката беше под прогнозите на аналитичарите за раст од три проценти.
Економскиот раст во третиот квартал е поттикнат од приватната потрошувачка и јавната потрошувачка, пренесува француската новинска агенција АФП. Сепак, растот малку забави, бидејќи БДП на САД порасна за три проценти во вториот квартал.
Иако трошат повеќе, Американците се чувствуваат полошо по прашањето на нивната работа и финансиските изгледи.
„Кога би ги гледале само податоците како што се економскиот раст или вработеноста, би рекле дека економијата е во добра состојба. Но, таа идеја е уништена од податоците за инфлацијата со кои се борат потрошувачите“, изјави за француската новинска агенција Ден Норт, економист во северноамериканскиот огранок на Алијанц.
Аналитичарите предвидуваа дека БДП во третиот квартал на годишно приспособено ниво, исто како и во вториот квартал, ќе зајакне за три проценти. Иако бројката е нешто помала, САД сè уште растат побрзо од другите напредни економии, вклучувајќи ги Германија, Франција и Велика Британија, а според прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд, така треба да остане и во иднина.