Јакнење на деловната доверба преку добро корпоративно управување и креирање на одржлив раст и подигнување на финансиската писменост се главните теми кои ќе бидат во фокусот на годинешното издание на „Finance Talks”, што ќе се одржи на 1 ноември годинава, од 11:00 часот во хотелот Лимак во Скопје. Конференцијата под наслов „ЕСГ експертиза: добро управување и финансиска писменост за сигурна иднина“ е во организација на ЕОС Матрикс Македонија, а извршната директорка на компанијата д-р Катерина Бошевска ќе го модерира првиот панел насловен „Управување и усогласеност – политики и организации кои ќе придонесат кон интегритет и сигурност“. На оваа тема, за своите искуства и ставови ќе дискутираат Даниел Браун, раководител на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во земјава, Виктор Мизо, претседател на Одборот на директори на Македонија 2025 и Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германски комори, надлежна и за Косово и Албанија.
ЕОС Матрикс Македонија, компанија која е водечки финансиски инвеститор за управување со побарувања, како дел од Групацијата ЕОС, спроведува низа проекти базирани на ЕСГ стандардите кои се важен дел од управувањето и креирањето услови за одржлив развој. Иницирање на стручни дискусии на вакви важни теми ќе придонесе за унапредување на економските состојби и подобрување на перформансите на корпоративниот сектор. Имено, Европската унија минатата година усвои Директива за известување за корпоративна одржливост, која од компаниите во ЕУ и од земјите кои сѐ уште не се дел од унијата бара да поднесуваат годишни извештаи според европските стандарди за известување и одржливост (ESRS). Компаниите ќе треба да известуваат согласно овие стандарди веќе за 2024 година. И во домашното законодавство е во фаза на имплементација обврска за ваков тип на извештаи за македонските компании, која ќе стапи на сила по усвојување на законските измени.

