Колку поскапе кафето најдобро покажува официјалната европска статистика. Имено, увозот на кафе во ЕУ во 2023 година бил на ниво од 2013 година, кога биле увезени и 2,7 милиони тони, но вредноста значително се зголемила – за цели 3,3 милијарди евра. Кафето и годинава расте, а во иста насока се движи и какаото, основната состојка на производите од кондиторската индустрија.
Минатата година Европската унија увезла 2,7 милиони тони кафе од земји кои не се членки на ЕУ, во вредност од 10,6 милијарди евра, објави Евростат во октомври. Оваа количина остана речиси стабилна во однос на 2013 година, кога беа увезени исто така 2,7 милиони тони, но вредноста значително се зголеми – од 7,3 милијарди евра пред десет години на 10,6 милијарди евра лани.
Во изминатите десет месеци, од крајот на 2023 година, цената на кафето арабика е зголемена за повеќе од 70 отсто, додека цената на робуста е зголемена за повеќе од тројно – 230 отсто. Во случајот со какаото, основната состојка на кондиторската индустрија, состојбата со растот на цените е уште подрастична – во мај годинава неговата цена беше пет пати повисока од ланската во овој период, а сега падна на „ само“ три пати повисоко ниво.
Причините за растот, како што наведуваат експертите, генерално треба да се бараат во послабите жетви поради климатските услови, логистичките проблеми со пристигнувањето на бродовите, шпекулативните активности на средствата на берзите, „и генерално помалата достапност на суровини на пазарот поради зголемената потрошувачка“.
Во случајот со кафето, поради скокот на набавната цена на Робуста, се зголемува и набавната цена на Арабика. Конечната жетва во Бразил се покажа помала од очекуваното, што нè носи во уште една година со помала достапност на Арабика во споредба со побарувачката.
Горчливо чоколадо
Неговата цена е зголемена на светскиот пазар – во еден момент дури и неколку пати повеќе отколку што е случајот со кафето.
Во случајот со какаото, велат, станува збор за неколкукратни поскапувања во однос на цените по кои до неодамна се набавуваше суровината.
„Пред само една година цената на зрната какао по тон беше 2.300 евра, а сега е 7.400 долари за тон, со тоа што во мај порасна на 12.000 долари за тон“, посочуваат експертите.