16 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАМодернизација или стагнација - како до поефикасно домашно производство?

Модернизација или стагнација – како до поефикасно домашно производство?

Во услови на зголемени глобални предизвици и растечка зависност од увоз на храна, неопходно е земјата да преземе проактивни мерки за зголемување на домашното производство.

Земјоделски експерти и аналитичари алармираат дека Македонија мора да воспостави долгорочна стратегија која ќе вклучува модернизација, ефикасно управување со земјиштето и редефинирање на политиката на субвенционирање, ако сака да ги зачува своите ресурси и обезбеди сигурност во снабдувањето со храна.

„Нашето земјоделие се соочува со сериозни структурни проблеми. Недоволната искористеност на обработливата површина, малата продуктивност и несоодветната распределба на субвенции се само дел од причините зошто домашното производство не може да одговори на потребите на пазарот“, велат економските аналитичари, додавајќи дека државата мора да преземе итни реформи за да ја зајакне оваа стратешка индустрија.

Модернизација и оптимизација на земјиштето

Според експертите, клучно е да се направи сеопфатна реформа на земјоделската политика, особено во поглед на распределбата и управувањето со земјоделското земјиште.

„Мора да им се даде приоритет на вистинските земјоделци, оние кои се подготвени и способни да го обработуваат земјиштето и да го зголемат производството. Во моментов, голем дел од обработливото земјиште не се користи или се дава на луѓе кои немаат интерес или капацитет да се занимаваат со земјоделство“, велат познавачите.

Тие нагласуваат дека е потребно воспоставување на ефикасни механизми за распределба на земјиштето, но и мерки за стимулирање на младите да се занимаваат со земјоделство.

„Мора да ги мотивираме младите генерации да гледаат на земјоделието како на профитабилен бизнис, а тоа ќе го постигнеме преку модернизација на техниките на обработка и зголемување на технолошките инвестиции во земјоделскиот сектор“, објаснуваат експертите.

Проблемите со субвенционирањето

Политиката на субвенционирање, според земјоделците, исто така бара суштински реформи.

„Ние како земјоделци се чувствуваме како субвенциите да не се распределуваат на правичен начин. Субвенциите се важни за нашата работа, но многу често тие одат кај луѓе кои не произведуваат или имаат минимално производство. Тоа го прави нашето работење уште потешко, вели Љупчо Трајков, земјоделец од Кочани, кој веќе две децении се занимава со одгледување на ориз.

Трајков смета дека за да се поттикне реално производство, субвенциите треба да се поврзат со количината на произведените земјоделски производи, а не само со површината што се обработува.

„Ако ние како земјоделци добиеме вистинска поддршка, која ќе биде во согласност со нашите напори и резултати, тогаш можеме да ја зголемиме продуктивноста и да го подобриме квалитетот на домашната храна“, додава тој.

Потреба од долгорочна стратегија

Според експертите, освен реформите во субвенционирањето и распределбата на земјиштето, потребно е и целосно реструктурирање на земјоделските политики.

„Долгорочната стратегија мора да вклучува не само директна поддршка на земјоделците, туку и подобрување на инфраструктурата, инвестиции во научни истражувања, како и развој на пазарни механизми што ќе ја зголемат конкурентноста на нашите производи на странските пазари“, советуваат аналитичарите.

Тие укажуваат дека земјата има потенцијал да стане значаен извозник на квалитетна храна, особено во регионот. Но, за тоа да се постигне, неопходно е да се воспостават јавни и приватни партнерства кои ќе вложат во модернизација на производствените капацитети.

„Потребни се инвестиции во механизација, системи за наводнување и заштитни технологии, кои ќе им овозможат на земјоделците да бидат поефикасни и поотпорни на климатските промени,“ додава тој.

Трајков, од своја страна, исто така ги посочува климатските промени како еден од најголемите предизвици за иднината на земјоделието.

„Климатските услови се многу непредвидливи, што го прави производството несигурно. Доколку не вложиме во модерни технологии кои ќе ни помогнат да се справиме со овие предизвици, ризикуваме да останеме без значителен дел од домашното производство“, предупредува земјоделецот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП