Желбата на милијардерот Илон Маск да се осврне на филмот „Blade Runner 2049“ на неодамнешното претставување на роботаксито на неговата компанија Tesla доведе до правни компликации, објави во вторникот германската агенција dpa.
Продукциската куќа Alcon Entertainment во понеделникот поднесе тужба за четири точки, од кои три наводи за прекршување на авторските права и една за лажно претставување на Tesla.
Продолжението на „Истребувачот“ од 2017 година прикажува дистописка иднина обележана со еколошка катастрофа и социјален колапс, со автономни возила со вештачка интелигенција. За време на презентацијата Маск го пофали филмот, но истакна дека тој не ја отсликува иднината што ја сака.
Сликата изложена на настанот покажа лице во долго палто кое се соочува со песочна бура и град под портокалово небо. Алкон тврди дека сликата била дизајнирана да алудира на слични сцени од нивниот филм, за кои тие не дале дозвола.
Според Алкон, Tesla побарала дозвола да ја користи сликата неколку часа пред настанот. Компанијата ја одбила, но презентацијата на Маск сепак содржеше слична слика генерирана од AI алатки.
Алкон ги има авторските права за филмот, додека Ворнер Брос беше дистрибутер на „Blade Runner 2049“.
Во тужбата, Алкон тврди дека не сака да биде поврзан со Маск или неговите компании, наведувајќи го како причина неговото „високо политизирано, каприциозно и произволно однесување, кое понекогаш се претвора во говор на омраза“.
Сметаат дека ова неовластено поврзување е штетно за нивниот бизнис, па бараат паричен надоместок.
Тесла досега јавно не ја коментираше тужбата.
На презентацијата Маск претстави самоуправувачко електрично возило дизајнирано да превезува патници без возач. Тесла има за цел да започне со производство во 2026 година, а автомобилот се очекува да чини помалку од 30.000 долари. Маск ветува самоуправувачки автомобили повеќе од осум години.