19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПродавањето коса во Македонија - популарен бизнис со потенцијални замки

Продавањето коса во Македонија – популарен бизнис со потенцијални замки

Во последните години, продавањето коса стана интересен и примамлив бизнис во Македонија, особено во фризерските салони.

Многу клиенти, кои сакаат да се ослободат од својата долга коса, откриваат дека можат да заработат значителни суми, често до 1.000 евра, во зависност од квалитетот и должината на косата.

Сепак, зад овој привлечен бизнис се кријат и бројни ризици, особено кога станува збор за измамите.
Огласите за откуп на коса често се појавуваат во изобилие. Сепак, не е сè онака како што изгледа на прв поглед.

Многу од овие огласи немаат наведено цена, туку само контакт телефон.

Откако ќе се јавите, често ќе слушнете дека тие се најдобри во бизнисот и нудат највисоки цени. Но, многу пати, тие се само обични измамници кои ги искористуваат луѓето кои сакаат да добијат нешто за својата коса.

Просечната цена за килограм коса во Македонија варира од 300 до 350 евра, но постои можност за подобра цена ако сте упорни.

„Секогаш советувам клиентите да се информираат за пазарната цена и да не ја прифаќаат првата понуда,“ вели Анастасија, фризерка со повеќегодишно искуство во надградба на природна коса.

Многу луѓе, додава таа, не знаат дека квалитетот на косата и нејзината должина играат клучна улога во одредувањето на цената.

„Доколку е косата здрава и непобелена, можеби ќе успеете да добиете и до 400 евра за килограм“, ни објасни Анастасија.

Иако објавувањето на оглас за откуп на коса може да изгледа како лесен начин за заработка, важно е да се внимава.

Анастасија препорачува да се проучат различни опции и да се разговара со фризери или професионалци кои работат со природна коса.

„Често, имам клиенти кои доаѓаат кај мене по неуспешна продажба. Тие се разочарани, а и самата коса често е во лоша состојба по некои ‘супер понуди’.“

Исто така, постои и ризик од неквалитетна обработка на косата.

„Некои купувачи не ги почитуваат условите за чување и обработка на косата, што може да доведе до нејзино брзо уништување“, додава Анастасија.

Во секој случај, продавањето на коса може да биде добра опција за оние кои сакаат да заработат, но е важно да се бидете внимателни и да избегнувате измамници.

На крајот на краиштата, најдобро е да се консултирате со професионалци во индустријата за да добиете најдобра можна цена за вашата коса.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП