Во согласност со Законот за платежни услуги и платни системи, за определена категорија граѓани надоместокот за платежната сметка со основни функции изнесува нула денари, на пример, за студентите и учениците кога користат стипендија, надоместок или друг тип кредит. „Исто така, за корисниците на одредени социјални права: заштита, детски додаток, или, пак, надоместок на штета, за неможност за извршување работа, спреченост на работа и слично“, објаснува Биљана Доновска-Гечева, заменик-директорка на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, во интервју за емисијата „Само прашај“ на Институтот за комуникациски студии.
„Она по што платежната сметка со основни функции се разликува од обичната платежна сметка е ограничувањето на надоместокот којшто граѓаните го плаќаат за оваа сметка. Имено, со Законот, граѓаните можат да ја користат платежната сметка со основни функции со надоместок најмногу до 40 денари, колку што во моментов изнесува подвижниот просек од месечните нето-плати во нашата земја во висина 0,1 процентен поен. Она по што платежната сметка со основни функции е иста со обичната платежна сметка е што на оваа платежна сметка граѓаните може да внесуваат парични средства, да ги повлекуваат, може да извршуваат платежни трансакции, да плаќаат комунални услуги, но и да ги користат своите дебитни картички за плаќање на физичките места на продажба, или, пак, на интернет“, појасни Доновска-Гечева.

