4 ноември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАХрана од подрумот - домашни печурки како одговор на скапото месо

Храна од подрумот – домашни печурки како одговор на скапото месо

Сѐ повеќе граѓани во Македонија одлучуваат да се занимаваат со одгледување печурки како буковка и шампињони.

Оваа пракса, која обично започнува како хоби, полека прераснува во практично решение за многумина кои бараат поевтини и здрави алтернативи на сѐ поскапата храна во супермаркетите.

„Храната која го заменува месото“

„Веќе втора година одгледувам печурки во мојот подрум и можам да кажам дека тоа е фантастично искуство“, вели Јовица Стојановски од Скопје.

Тој посочува дека печурките се одличен извор на храна и целосно го заменуваат месото.

„Освен тоа, ова хоби не бара големи финансиски инвестиции“, забележува нашиот соговорник.

Јовица го купува компостот од Кочани, каде што може да се набави во вреќи од 150 денари.

„Купувам десетина вреќи месечно, и тие ми траат доста долго. Одгледувањето бара многу грижа и внимание, особено во следењето на влажноста на воздухот и редовното надгледување на состојбата на печурките. Сепак, чувството на задоволство кога ќе видиш дека нешто си одгледал сам, е непроценливо“, порачува Стојановски.

„Луѓето бараат алтернативи на скапото месо“

Продавач на компост од Свети Николе објаснува дека побарувачката за компост драстично пораснала во последните неколку години.

„Со комбето двапати неделно правам тура низ Македонија, разнесувајќи вреќи со компост на моите клиенти. Порано повеќе од половина од купувачите беа луѓе кои се занимаваа со одгледување на печурки како хоби. Но сега, сѐ повеќе луѓе го прават ова за да заштедат пари на храна“, објаснува нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен.

Тој забележува дека растечките цени на месото ги тераат граѓаните да се свртат кон печурките како поевтина и поквалитетна алтернатива.

„Печурките не само што се хранливи, туку и многу лесно се одгледуваат дома. Со малку инвестиција, секое домаќинство може да произведе сопствена храна и да биде помалку зависно од скапите производи во маркетите“, вели тој.

Одржлив начин на живот

Одгледувањето печурки не е само одговор на поскапувањето на храната, туку е и начин на поттикнување на поодржлив начин на живот.

„Сѐ повеќе семејства сакаат да знаат што јадат и како се произведува нивната храна. Ова не е само хоби, туку начин на живот кој носи здравствено и еколошко задоволство“, заклучува Стојановски.

Оваа нова појава покажува дека во време на економска неизвесност, луѓето бараат иновативни начини да ја задржат контролата врз својата исхрана, при тоа одржувајќи го балансот меѓу трошоците и квалитетот на животот.

Во продолжение ќе ви ја објасниме накратко процедурата како се произведуваат печурки во подрум:

Обезбедување простор: Подрумот треба да биде чист, проветрен и да се контролира влажноста. Печурките најдобро растат во темни и влажни простории.

Купување компост: За одгледување печурки се користи специјален компост, кој може да се набави во вреќи. Овој компост е веќе подготвен и содржи потребни хранливи материи за раст на печурките.

Садење мицел: На компостот се сее мицелот (семе на печурките), кој е основата за развојот на печурките. Компостот се распоредува во кутии или вреќи, и се остава на место со стабилна температура.

Контрола на влажноста и температурата: Печурките бараат висока влажност (80-90%) и умерена температура (12-20°C). Треба редовно да се проверуваат овие услови и просторијата да се навлажнува доколку е потребно.

Раст и берба: Печурките обично почнуваат да растат по неколку недели. Тие треба да се надгледуваат секој ден, а кога ќе пораснат до саканата големина, може да се берат.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП