Лидер меѓу првите десет меѓу најдобрите земји за инвестиции во недвижности во Европа е Литванија. Белгија и Франција се меѓу најлошите, покажува новата студија на британската компанија „1st Move International“, цитирана од „Euronews“.
Извештајот ги испитува клучните елементи на инвестициите во имот во европските земји, вклучувајќи ги стапките на данокот на имот, данокот на доход од наемнини и бруто приносот од наемот. Заклучокот е дека Литванија е најдобрата земја за инвестирање во недвижнини.
Најдобрите места за инвестирање во имот во Европа
Главниот град на Литванија Вилнус ветува просечен принос на изнајмување од 5,65%, според новите податоци од онлајн изданието „Global Property Guide“.
Цените на киријата се високи во земјата, зголемувајќи се за повеќе од 170 отсто во однос на нивото од 2015-та година, покажуваат податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Данокот на приходи од наемнини е умерен и изнесува 15%. На странците не им е ограничено да купуваат имот.
Цените на недвижностите во Литванија се зголемија за повеќе од 10% во вториот квартал од 2024-та година во споредба со претходната година, покажуваат податоците на Евростат. Трендот најверојатно ќе продолжи и ќе донесе добар поврат на инвестицијата.
Естонија е рангирана на второто место меѓу најатрактивните земји во Европа за инвеститори во имот. Странците имаат право да купуваат имот во балтичките земји. Трошоците за купување, вклучувајќи ги даноците, се релативно ниски и достигнуваат околу 1,3% од цената на имотот. Во исто време, цените за изнајмување се релативно високи, а бруто-годишниот принос од изнајмување е околу 4,5%. Данокот на приходи од наемнини е на ниво од 20%.
Цените на недвижностите во Естонија се зголемија за 6,7% во годината до јуни 2024-та година, а вредноста на инвестицијата може да се зголеми уште повеќе.
Романија е на третото место меѓу најатрактивните земји во Европа за инвестиции во недвижнини. Меѓу предностите се нискиот просечен данок на приходите од наемнини од 10% и релативно високиот бруто принос од закупнина на ниво од 6,46% годишно.
Ирска, исто така, ветува високи приноси, главно благодарение на високите цени за изнајмување, но високите даноци може да одземат дел од годишниот нето приход. Земјата се бори со станбена криза бидејќи не се градат доволно домови за растечкото население. Тоа води кон континуиран раст на цените на куќите.
Според извештајот, има и добри можности за инвестирање во имот во Централна и Источна Европа во земји како Унгарија, Словенија и Полска, каде кириите се високи (во Унгарија се зголемени за 180% во однос на нивото од 2015-та година), но даноците се умерени.
Цените на куќите во Полска пораснале за 17,7%, во Унгарија за 9,8%, а во Словенија за 6,7% во 12-те месеци до крајот на јуни 2024-та година, покажуваат податоците на Евростат.
Најлошите места за инвестирање во имот
Белгија е најлошата земја за инвестиции во имот, а веднаш зад неа се Франција и Грција, се наведува во извештајот.
Белгија има некои од највисоките трошоци за трансакции на имот во Европа и данокот на приходот од изнајмување лесно може да достигне 50%. Просечниот принос од изнајмување е околу 4,2%, но може да биде поголем во главниот град Брисел. Цените на недвижностите се зголемија за 3,4% на годишно ниво во вториот квартал од 2024-та година.
Франција е втората најлоша земја за инвестирање во имот во Европа поради високите даноци и трошоците за купување или изнајмување имот. На пример, просечниот данок на приходите од наемнини на инвеститорите достигнува 18,28%. Бруто годишниот принос од изнајмување е околу 4,5%. Според податоците на Евростат, цените на недвижностите во Франција годинава се намалени за 4,6%.
Грција е рангирана на третото место како најлоша земја за инвестирање во имот поради високите трошоци за купување имот и високата стапка на данок на приходот од изнајмување, што надминува 33%, се вели во извештајот.
Што вели „Google“ за трендовите?
Авторите на извештајот исто така испитуваат кои земји се најпопуларни врз основа на пребарувањата на „Google“. Откриле дека Шпанија и Португалија се водечки дестинации за купување имот. Глобалните пребарувања по имот за купување достигнаа 279.000 меѓу 2023-та и 2024-та година за Шпанија.
Земјата нуди поволен даночен режим за странските инвеститори, стандардна стапка од 19% за граѓаните на ЕУ и 24% за државјаните на трети земји за данок на доход, вклучително и од имот за изнајмување.
Португалија е на второ место со над 270.000 пребарувања поврзани со купување имот во земјата. Странците можат да купат имот под исти услови како и локалните жители.
Но, популарноста на овие две земји доведе до хроничен недостиг на прифатливи станови за локалните жители. Номиналните цени на куќите се зголемија за речиси 70% во Португалија од 2015-та година, покажуваат податоците на ОЕЦД.