„Намалувањето на инфлацијата од 19,8 отсто во октомври 2022 година на 2,2 отсто до август 2024 година е клучно достигнување, главно благодарение на одлучноста при зголемувањето на каматните стапки на централната банка. Сепак, иако инфлациските притисоци се намалија, и понатаму има значителни ризици. Поради глобалната несигурност, како и нестабилните цени на енергијата и геополитичките тензии, централната банка мора да биде внимателна и да ги користи сите достапни алатки како што се приспособувањата на каматните стапки, девизните интервенции и мерките за управување со ликвидноста, за да нема промена во инфлациските очекувања“, нагласува Алфред Камер, директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, во интервју за порталот „Фактор“.
Според него, зачувувањето на независноста на Народната банка е од витално значење за таа да биде постојано посветена на контролата на инфлацијата и одржувањето на финансиската стабилност, што ќе придонесе за поддршка на растот и довербата во економијата кај домашните и странските инвеститори.

