Курсот на денарот е стабилен, а нивото на девизни резерви е адекватно за понатамошно успешно спроведување на стратегијата на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото. Показателите за банкарскиот сектор, исто така ја потврдуваат неговата здравост и стабилност. Ова се заклучоците за монетарниот дел во извештајот на агенцијата за кредитен рејтинг Фич, во кој го потврдува кредитниот рејтинг на земјава на ББ+ со стабилен изглед.
Во извештајот се наведува дека курсот на домашната валута останува стабилен и се нотира заложбата и капацитетот на Народната банка за задржување на оваа стратегија и во следниот период. Нивото на девизните резерви е оценето како соодветно, со 4,5 милијарди евра во август годинава, при што во однос на надворешниот сектор како позитивна карактеристика се констатира и значајната улога на странските директни инвестиции во финансирањето на дефицитот на тековната сметка.

