Американските пристанишни работници и оператори се согласија на прелиминарен договор со кој веднаш ќе се стави крај на тридневниот штрајк што го блокираше превозот на американскиот источен брег и заливскиот брег, рекоа двете страни.
Прелиминарниот договор вклучува зголемување на платите за околу 62 отсто во текот на шест години, рекоа извори запознаени со ситуацијата, вклучително и работниците кои штрајкуваат. Тоа би ја зголемило просечната плата од 39 долари на околу 63 долари на час во текот на траењето на договорот, пренесува Ројтерс.
Синдикатот на Меѓународната асоцијација на пристанишни работници (ИЛА) бараше зголемување од 77 отсто, додека групата на работодавачи, Алијансата на поморските оператори на САД (USMX), претходно понуди зголемување од речиси 50 отсто.
Договорот го завршува најголемиот штрајк од ваков вид во речиси половина век, кој го блокираше истоварувањето на контејнерските бродови од Мејн до Тексас, се закани со недостиг на производи од банани до автоделови и предизвика трупање на бродови надвор од главните пристаништа.
Синдикатот и пристанишните оператори соопштија дека ќе го продолжат својот главен договор до 15 јануари 2025 година за да се вратат на преговарачката маса и да ги решат сите преостанати прашања. „Сите сегашни штрајкови веднаш престануваат и работата опфатена со Главниот договор продолжува“, се вели во соопштението.
Едно од клучните отворени прашања е автоматизацијата, за која работниците тврдат дека ќе доведе до губење на работни места. Водачите на синдикатот претходно изјавија дека работодавците како што се Maersk и нејзината компанија APM Terminals North America не се согласиле да ги стопираат проектите за автоматизација на пристаништата кои се опасни по работните места.