На Европа и требаат поголеми и посилни банки кои ќе можат да се натпреваруваат со американската и кинеската конкуренција, изјави претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард, согласувајќи се со шефот на италијанскиот UniCredit и неговото залагање за консолидација во подготовката на теренот за евентуално преземање на германската Commerzbank.
Потезите на италијанската банка кренаа прашина во германските политички кругови и во раководството на Commerzbank, а синдикатите се кренаа на нозе.
Извршниот директор на UniCreditминатата недела на конференција во Лондон рече дека сите опции се отворени за нив, вклучително и спојување.
Commerzbank е само инвестиција за UniCredit, но ние исто така можеме да ги здружиме силите и да направиме нешто поголемо, рече Орцел.
„На Европа и се потребни поголеми банки и спојувањето на UniCredit и Commerzbank би било тест“, рече шефот на италијанскиот кредитор.
Претседателката на ЕЦБ се согласи со неговото мислење на сослушувањето во комисијата на Европскиот парламент.
„Според мое мислење, пожелни се прекугранични спојувања, банки кои можат вистински да се натпреваруваат со другите институции низ светот, вклучувајќи ги американските и кинеските банки, во однос на длабочината и опсегот (на операциите)“, рече Лагард.
Консолидацијата на банките е во интерес на Европа, рече првиот човек на ЕЦБ, а прекуграничните спојувања имаат многу предности доколку создадат поголеми, поагилни и посилни институции.
Сепак, таа се огради со напомена дека нејзините изјави не треба да се сфатат како директна интервенција во конкретен договор и посочи дека спојувањата носат одредени ризици за кои треба да одлучува приватниот сектор.
Commerzbank е системски важна банка, така што нејзин супервизор е ЕЦБ, чиј надзорен одбор ќе одлучува за барањето на UniCredit да купи 21 отсто од акциите на германскиот заемодавач. Нејзините членови обично се фокусираат на елементи на управување со ризик, како што се капиталот, ликвидноста, деловните планови и управувањето, при обработката на апликациите.
UniCredit побара и зелено светло за зголемување на својот удел на 29,99 проценти.
Група од шест функционери на ЕЦБ минатата недела изјавија за Ројтерс дека начелно го поддржуваат спојувањето на двете банки, додавајќи дека отпорот на Берлин според нив е во спротивност со принципот на европска интеграција.
Конечната одлука за поврзувањето ќе ја донесе Управниот совет на ЕЦБ на чело со претседателката Кристин Лагард.