Во последните неколку години, забележителен е тренд на скопјани кои за стоматолошки услуги се упатуваат во Тетово, привлечени од значително пониските цени на услугите.
Според податоци од стоматолошки клиники во овој град, цените за одредени услуги, како што се изработка на протези, мостови и естетски стоматолошки интервенции, се дури двојно пониски од оние во главниот град.
„Доаѓаат пациенти од цело Скопје, но најчесто гледаме пензионери и студенти. Пензионерите главно доаѓаат за вилици и мостови, додека студентите бараат естетски услуги, како протези за исправување на забите“, вели стоматолог од Тетово со долгогодишно искуство.
Една од причините за оваа појава, според стоматолозите, е високата конкурентност на пазарот во Тетово, како и помалите оперативни трошоци, што овозможува значително пониски цени.
На пример, комплетни вилици, кои во Скопје можат да чинат и до 700 евра, во Тетово се изработуваат за околу 400-500 евра.
Скопјанката Верица Симоновска-Трајковска, пензионерка од населбата Бутел, неодамна го завршила процесот на поставување нови вилици во Тетово.
„Ми препорачаа доктор од Тетово, а кога ги споредив цените, се изненадив. Во Скопје би ме чинело околу 700 евра, а во Тетово платив 400 евра. За еден пензионер тоа е голема заштеда“, вели Симоновска-Трајковска.
Покрај пензионерите, голем број студенти исто така ги поправаат забите во Тетово, особено за естетски третмани.
Протезите, кои во Скопје чинат околу 1.200 евра, во Тетово се нудат за околу 600-800 евра, што ги прави достапни за многу повеќе пациенти.
Иако цените во Тетово се пониски, стоматолозите од Скопје предупредуваат дека пациентите треба внимателно да ги избираат стоматолозите кај кои одат, бидејќи квалитетот на услугите треба да биде на прво место.
Сепак, за многумина, економските услови ги принудуваат да избираат поевтини опции.
Се чини дека овој тренд нема да престане, а Тетово полека се профилира како нова дестинација за стоматолошки услуги во Македонија, особено за оние кои бараат достапни решенија за своите стоматолошки проблеми.
Б.З.М.