13 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДесетта меѓународна Конференција на Народната банка: Независноста на централните банки во ЈИЕ...

Десетта меѓународна Конференција на Народната банка: Независноста на централните банки во ЈИЕ овозможи справување со инфлацијата, без рецесија и финансиски кризи

Независноста и кредибилитетот на централните банки во регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ) беа столбовите врз основа на кои тие ги спроведоа политиките за справување со последните глобални економски шокови, со кои за само една година се намали најголемата инфлација во изминатите пет децении на едноцифрени стапки, а притоа беа избегнати рецесии и беше задржана финансиската стабилност. Ова беше посочено на отворањето на Десетата меѓународна конференција на високо ниво, во организација Народната банка во соработка со Комитетот за преобразување на Бретон Вудс (КПБВ), на тема „Централни банки и централнобанкарското работење во комплексно окружување: Покажување на посветеност и одржување на кредибилитетот“.

Конференцијата ја отворија претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и извршниот директор на КПБВ, Марк Узан. Воведно обраќање на конференцијата имаше директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, Алфред Камер.

Претседателката Сиљановска-Давкова во своето излагање посочи дека е неопходно да се изнајде модел за амортизирање на шоковите во нестабилен и постојано променлив економски амбиент. „Еден од столбовите на стабилноста во  непредвидливи услови се токму централните банки. Тие треба да ја зачуваат монетарната стабилност од двата екстрема: преголемиот страв што води кон паника и преголемата самодоверба што води кон опортунизам. За да можат успешно да ја реализираат својата важна задача, централните банки мора да бидат независни од централните власти, заради отпорност на политичките влијанија и притисоци, што особено се засилуваат во кризни и изборни години, каква што е оваа 2024-та година, која важи за најизборната во историјата на демократијата. Всушност, независноста им овозможува на централните банки да ја извршуваат својата незаменлива улога во намалувањето на инфлацијата, стабилизацијата на цените и одржувањето на макроекономската стабилност како предуслов за долгорочен економски раст“, посочи Давкова.

Во своето обраќање, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска се осврна на значењето на независноста на централните банките за спроведување на нивниот мандат, особено во контекст на предизвиците кои ги донесоа глобалните економски кризи во изминатите неколку години. Наведувајќи ја Народната банка како пример за независна централна банка, Ангеловска-Бежоска, посочи дека одредбите за независност се вградени во Уставот и Законот за Народната банка, и истите се оценети дека имаат високо ниво на усогласеност со правото на ЕУ. Гувернерката потенцираше дека независноста оди „рака под рака“ со отчетноста и транспарентноста, кои кај нашата централна банка се високо оценети од повеќе меѓународни институции.

Зборувајќи за идните предизвици за централните банки во регионот, гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека иако инфлацијата се намалува, се забележува поголема отпорност кај инфлацијата кај услугите, што ја потенцира потребата од водење на соодветни политики поврзани со платите. Понатаму, за стабилизирање на инфлацијата на потрајна основа од големо значење ќе биде и поддршката од фискалната политика, како и спроведувањето на структурни реформи. „Деглобализацијата, стареењето на населението и климатските закани, би можеле да ги намалат производните капацитети, правејќи ја понудата помалку еластична и на тој начин создавајќи „свет со поголема склоност кон инфлација“. Од друга страна, брзиот напредок во технологијата, како вештачката интелигенција, не само што може да го ублажи влијанието на горенаведените негативни сили, туку и да го подигне потенцијалот за раст. Овие трансформации бараат добро поставени реформи со цел да се зголеми отпорноста на економиите и да се намалат среднорочните инфлациски притисоци“, порача Ангеловска-Бежоска.

Директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, истакна дека независноста на централните банки може да биде основата на модерното централно банкарство, но и дека транспарентноста и отчетноста се она што ја балансира независноста на централната банка со принципите на демократијата.„Северна Македонија е импресивен пример. Создавањето независна централна банка во 1992 година беше клучно за да се намали хиперинфлацијата од раните 1990-ти. Народната банка е рангирана многу високо во новиот Индекс на независност на Централната банка на ММФ“, посочи Камер.

Директорот на директор на КПБВ, Марк Узан, се осврна на функционирањето на централните банки во поликризното опкружување и како тие успеаа да ја задржат довербата кај јавноста и да се изборат со инфлцијата. „Довербата којашто централните банки ја уживаа ширум светот, во текот на многу години, можеше да се изгуби доколку општеството почнеше да се сомнева во нивната посветеност на стабилноста на цените.  Некои генерации за првпат го доживеаја ризикот од транзиција на економијата кон режим со висока инфлација. Затоа, за да се врати ценовната стабилност, беше неопходно и соодветно централните банки решително да ја заострат политиката преку повисоки каматни стапки“, посочи Узан.

Во рамки на Десетата меѓународна конференција во организација на Народната банка и КПБВ, ќе се одржат четири панел дискусии, посветени на заштитата на независноста и кредибилитетот на централните банки, перспективите за мандатите на централните банки, родово инклузивни финансии во регионот на ЈИЕ, како и лекции од изминатите кризи. На панелите ќе дискутираат гувернери на централните банки на Молдавија, Словенија, Хрватска, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и на Косово, член на Одборот на централната банка на Литванија, претседавачот на Европскиот банкарски орган, извршниот директор на Алијансата за финансиска инклузија, високи претставници на Светската банка, Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и на Европската централна банка (ЕЦБ), како и на други истакнати меѓународни институции и академски претставници.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП