23 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлацијата во Германија забави во септември

Инфлацијата во Германија забави во септември

Инфлацијата во Германија забави во септември, како одраз на поостриот пад на цените на енергијата, покажаа денеска прелиминарните податоци на заводот за статистика.

Потрошувачките цени во последниот месец се повисоки за 1,6 отсто во однос на истиот месец лани. Во август тие беа повисоки за 1,9 отсто, покажува извештајот.

Промените на цените не се забележани во однос на август, кога тие се лизнаа за 0,1 отсто, покажуваат првичните пресметки на заводот за статистика.

Без цените на храната и енергијата, годишната стапка на инфлација изнесува 2,7 отсто, пресмета Дестатис и е нешто пониска од август. На годишно ниво најмногу паднаа цените на енергијата и моторните горива за домаќинствата и тоа за 7,6 отсто. Во август тие беа пониски за 5,1 отсто.

Цените на стоките речиси стагнираа, како и во август.

Услугите, пак, во септември поскапеле за 3,8 отсто во однос на истиот месец лани, речиси исто како и на крајот на летото. Цените на храната, пак, забележаа маргинално забрзување, со годишна стапка на раст од 1,6 отсто.

Според хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HIPC), кој се користи за полесна споредба меѓу земјите од ЕУ, цените во најголемата европска економија во септември пораснале за 1,8 отсто на годишно ниво, по растот од 2 отсто во август.

На месечно ниво тие се намалени за 0,1 отсто, за половина повеќе од крајот на летото, пресмета заводот за статистика. Во сите шест клучни сојузни држави, растот на цените беше поблаг отколку во август, но со големи разлики.

Највисока стапка на инфлација е забележана во Саксонија, каде изнесува 2,4 отсто, пред се поради двоцифрениот пораст на цените на осигурувањето.

Натпросечен раст е забележан и во Баварија, со стапка на инфлација од 1,9 отсто и напомена на баварскиот завод за статистика дека пивото во угостителството поскапе за 2,9 отсто, а месните оброци за дури 7,3 отсто.

Убедливо најблаг пораст на цените е забележан во Хесен, за само 1,2 отсто во однос на ланскиот септември со приближно 11 отсто пониски цени на енергијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП