Сонцето во Скопје овој викенд осветли едно од најпопуларните места за забавување на семејствата – Зоолошката градина.
Со прекрасни временски услови, многумина одлучија да го искористат можеби последното силно сонце пред доаѓањето на студените есенски денови.
Родители, деца и големи групи пријатели, сите се упатија во скопската Зоолошка градина, со цел да ги видат животните и да поминат квалитетно време во природа.
Интересот за посетите на Зоолошката градина е огромен, особено за време на викендите, и вработените со радост истакнуваат дека ова е дел од трендот што е забележлив веќе некое време.
„Секоја година, особено во пролет и лето, гледаме пораст на бројот на посетители. Зоолошката градина во Скопје го заслужува ова внимание, бидејќи нудиме уникатно искуство за сите генерации“, ни изјави еден од вработените во Зоолошката градина.
За нас е важно, додава тој, да ја промовираме љубовта кон животните и природата, и затоа постојано ги охрабруваме семејствата да дојдат и да уживаат во нашите простори.
Цените за влез во Зоолошката градина се достапни и прифатливи. Билетот за возрасни изнесува 80 денари, додека за деца под три години влезот е бесплатен.
Оваа политика привлекува многу семејства, особено во време на финансиски предизвици. За многу родители, ова е одличен начин да ги запознаат своите деца со животинскиот свет и да им пружат незаборавно искуство.
Меѓу посетителите оваа сабота беше и 40-годишната Слободанка од Велес, која дојде во Зоолошката градина со своите две деца.
„Се чувствувам преубаво, а моите деца се среќни и возбудени. Ова е прекрасен ден за нас“, рече таа со насмевка.
Слободанка истакна дека посебно ја воодушевил делот наречен „Baby Zoo“, каде што децата можат да купат храна за мали животни и да ги хранат од рака.
„Тоа е навистина уникатно искуство за моите деца, а чини само 20 денари. Ги гледам како се смеат и играат, а тоа е најважно за мене“, додаде таа.
Во внатрешноста на Зоолошката градина, просторот е добро уреден, а посетителите можат да најдат неколку кафулиња и места каде што можат да купат храна.
„Сето ова прави да се чувствуваме удобно и задоволно. Можеме да направиме пауза и да се опуштиме пред да продолжиме со разгледувањето на животните“, рече Слободанка.
Зоолошката градина во Скопје не само што нуди можност за разгледување на животните, туку и едукација за децата. Децата можат да учат за различни видови животни, нивното живеалиште и навики. За многумина, ова е прв контакт со животинскиот свет и е многу важно да се создаде свест за заштита на животната средина и животинските видови.
Секој викенд во Зоолошката градина е исполнет со смеа, радост и едукација. Како што времето се менува, така и посетителите се зголемуваат.
Б.З.М.