Европската централна банка проценува дека стапката на инфлација во наредната година во просек ќе биде 2,2 отсто и дека ќе се спушти на 1,9 отсто во 2026 година.
Потрошувачите во еврозоната очекуваат цените да пораснат повеќе од двојно побрзо од платите на крајот на летото следната година, во услови на благ пад на економската активност, покажа во петокот истражувањето на Европската централна банка (ЕЦБ).
На крајот на летото идната година годишната стапка на инфлација ќе изнесува 2,7 отсто, проценуваат потрошувачите во истражувањето спроведено во јули и ќе биде само малку пониска отколку во летните месеци и на крајот на пролетта.
До крајот на летото 2027 година треба да се спушти на 2,3 отсто, според проценката, што би значело дека ЕЦБ за три години нема да ја достигне целната стапка на инфлација од два отсто, сметаат граѓаните.
ЕЦБ проценува дека стапката на инфлација следната година во просек ќе биде 2,2 отсто, а во 2026 година ќе се намали на 1,9 отсто. Во август, според проценките на Европскиот статистички институт, цените биле за 2,2 отсто повисоки од лани. Евростат треба да ја објави јулската проценка за инфлацијата на почетокот на следната недела.
Според оценката на граѓаните во истражувањето на ЕЦБ, номиналните плати треба да се зголемат за 1,2 отсто до крајот на летото следната година, а номиналната потрошувачка за 3,2 отсто. Во истиот период економијата на еврозоната треба да се намали за 0,9 отсто, нешто поблаго отколку што досега очекуваа граѓаните.
Стапката на невработеност сепак треба да биде 7,5 отсто, покажа истражувањето. Во истражувањето на ЕЦБ учествуваа околу 19.000 граѓани од 11 земји од еврозоната.