24 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвростат: Цените на житарките во ЕУ паднаа за 14 отсто во вториот...

Евростат: Цените на житарките во ЕУ паднаа за 14 отсто во вториот квартал

Просечните цени во областа на земјоделството во Европската унија паднаа во вториот квартал од 2024 година, кога се во прашање производите и инпутите, па така, на пример, житарките се поевтини за 14 отсто, објави денеска Евростат.

Заводот за статистика на ЕУ наведува дека голем пад е забележан и кај јајцата (15 отсто) и сточната храна (13 отсто).

Од друга страна, недостигот на маслиново масло доведе до континуиран пораст на цените на тој производ (за 41 отсто во вториот квартал), додека цената на компирот порасна за 10 отсто.

Просечната цена на чинење на земјоделското производство падна за три отсто во вториот квартал од 2024 година во однос на истиот квартал од 2023 година.

Во овој период, просечната цена на стоките и услугите што моментално се користат во земјоделството (инпути кои не се поврзани со инвестиции, како што се енергија, ѓубрива или добиточна храна) е пониска за седум отсто, што е нешто помалку остро во однос на претходните два квартали.

Овошјето поскапе за три отсто, а зеленчукот за еден отсто.

Кога станува збор за овошјето, лимонот и лиметата имаат најголем пад во однос на истиот период во 2023 година (48 отсто), а најголем пад е забележан кај овошјето од суптропска и тропска клима (51 отсто).

На планот на зеленчукот, цените на кромидот (за 46 отсто) и доматите (за 27 отсто) нагло паднаа, спротивно на големиот пораст на свежите мешунки (за 39 отсто) и на карфиолот (за 35 отсто).

Кај инпутите, кои не се поврзани со инвестиции, најголем пад на цените бележат вештачките ѓубрива и подобрувачите на почвата (19 проценти) и добиточната храна (13 проценти).

На национално ниво, повеќето земји од Европската унија (17 од 25 со достапни податоци) забележаа пад на цените на земјоделските производи во вториот квартал од 2024 година во споредба со истиот квартал во 2023 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП