21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАОПЕК ги зголеми прогнозите за побарувачката на нафта

ОПЕК ги зголеми прогнозите за побарувачката на нафта

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) ги зголеми своите среднорочни и долгорочни прогнози за глобалната побарувачка на нафта, предвидувајќи дека мотори на нејзиниот раст ќе бидат Индија, Африка и Блискиот Исток.

Во 2028 година, светската побарувачка на нафта треба да достигне 111 милиони барели дневно, објави ОПЕК во својата годишна прогноза, зголемувајќи ја минатогодишната проценка за 800.000 барели дневно.

За 2029 година тие предвидуваат побарувачка од 112,3 милиони барели дневно.

Меѓу причините за зголемените прогнози во ОПЕК, тие го наведуваат посилното економско опкружување во споредба со минатата година благодарение на намалувањето на инфлацискиот притисок и пониските трошоци за задолжување.

Рестриктивната монетарна политика ја забави активноста во водечките економии, што обично подразбира намалена потрошувачка на енергија.

-Изворот на побарувачката во иднина ќе бидат земјите во развој поради зголемената популација, средната класа и урбанизацијата – изјави генералниот секретар на ОПЕК Хајтам Ал Гаис за време на презентацијата на извештајот во Бразил.

-Врвот на побарувачката на нафта се уште не е на повидок – напиша Ал Гаис во предговорот на извештајот.

Во новопокачените прогнози, ОПЕК издвојува побавна транзиција кон електрични возила и почисти горива.

-Во текот на изминатата година, сознанието дека светот може постепено да воведува нови извори на енергија во голем обем само кога е навистина подготвен – рече Ал Гаис.

До 2045 година, според ОПЕК, светската побарувачка на нафта треба да достигне 118,9 милиони барели дневно, што е за околу 2,9 милиони барели дневно повеќе од она што беше предвидено во минатогодишниот извештај. До средината на векот би требало да изнесува 120,1 милиони барели дневно.

Нафтениот сектор ќе има потреба од инвестиции од 17,4 трилиони долари до средината на векот, покажуваат новите пресметки на ОПЕК. Уште минатата година групата ги проценила потребните инвестиции во таа временска рамка на 14 трилиони долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП