Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот на Народната банка остварија средба со високи претставници на Светскиот совет на кредитните унии, на кредитните унии од ЕУ и САД, како и со претставници од Штедилницата ФУЛМ.
На средбата беше истакната заложбата на Народната банка за јакнење на стабилноста на финансискиот сектор, како столб на макроекономската стабилност, преку низа мерки и политики. Гувернерката Ангеловска-Бежоска нагласи дека одржувањето силен и отпорен финансиски сектор ќе биде приоритет на Народната банка и во следниот период, што е клучен предуслов за одржувањето на финансиската стабилност. „Во услови на неизвесно макроекономско окружување, макропрудентната политика на Народната банка и натаму е насочена кон намалување на системскиот ризик и јакнење на отпорноста на финансиските институции на шокови, со што се придонесува за одржувањето на финансиската стабилност“, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

