12 ноември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈавниот долг е „Баба рога“ за опозицијата, за власта секогаш е можност...

Јавниот долг е „Баба рога“ за опозицијата, за власта секогаш е можност за раст и развој!

Промената на власта значи и промена на ставовите во однос на јавниот долг и задолажувањата. Тоа е непишано правило кое се практикува со децении во Македонија. Кога партиите се во опозиција тогаш нивните говори се со загрижувачки тон за иднината на државата, бидејќи се убедени дека земјава оди во пропаст. Но, кога ќе бидат или се на власт тогаш приказната е друга. Веднаш се подготвува терен за издавање на нова еврообврзница, се подогнуваат кредити по според нив ниски каматни стапки. Актуелното задолжување од Унгарија е последно од ваквиот тип на дневно политички „игранки“ помеѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Едно е сигурно, со заемот од 500 милиони евра, јавниот долг на државата дополнително ќе се продлабочува, а лани тој наднима 60 отсто од Бруто Домашниот Производ.

Општините и стопанството ги чекаат парите од новиот заем од Унгарија тежок 500 милиони евра, а граѓаните да се подготват да ги платат сметките кои ги носи ова ново задолжување на државата. Сега партиите од  власта се многу пооптимистични од периодот кога беа во опозиција во однос на финансирањето и управувањето со јавниот долг. Министерката за финансии, премиерот, но и останатите претставници на ВМРО ДПМНЕ кои се надлежни за економските политики сега велат дека не е проблем државата да се задолжува ако парите се користат за продуктивни цели, односно за развој на општините и за инвестиции во приватниот сектор. На тој начин според нив бенефит ќе види целото општество, односно приватниот сектор, со што ќе се зголемат и платите, а преку финансирање на проекти од локални ниво ќе се подобри и квалитетот на живот на граѓаните, а тоа ќе овозможи и подобрување во процентот на плаќање на даноците кон општините.

„Општините ќе добијат 250 милиони евра за инфраструктурни проекти. За финансирање на инфраструктурни проекти, 80 општини за 357 апликативни формулари имаат поднесено за финансирање на проекти. Тоа значи дека откако ќе заврши процесот на евалуација на тие проекти и тие проекти кои што ќе бидат избрани со ресорните министерства во договор со општините таквите средства веднаш ќе бидат префрлени на наменски сметки во општините. Нашата намера е да биде преку комерцијалните банки бидејќи тие имаат повешти механизми за управување со овие средства и да биде под истите услови под кои го земаме заемот. Доколку тие услови не бидат исти, тогаш ќе се обидеме да најдеме друг начин – дали тоа ќе биде преку Македонската банка за развој или друг механизам, ќе видиме“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Од друга страна опозицијата предводена од СДСМ жестоко го напаѓа од самиот старт ова најавено задолжување. Прво информацијата беше дека од Унгарија владата веднаш ќе се задолжи со една милијарда евра. Но тоа задолжување се преполови на половина и сега вторите 500 милиони евра се очекува да се договорат за почетокот на следната година. СДСМ е на став дека нејзиниот политички опонент владеачката ВМРО ДПМНЕ како прв потег кој го направија е тоа што ја задолжија државата. И тоа овој кредит го договарале уште како опозиционери. Предизборна манипулација пред локалните догодина и мачкање очи на бизниост, ништо друго не е освен ова, велат опозиционерите од „Бихачка“.

„Нема економски бенефит од задолжувањето од Унгарија, тоа е политичка одлука, договорена уште во времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција. И ова е една небулоза, затоа што се зголемува долгот а не станува збор за некаков економска корист од тоа за граѓаните. Нема јасно дефинирана намена, нема да може да се следи трошењето на парите. Се криеше и потеклото на парите. Пред извесно време Унгарскиот Центар за управување со државен долг, објави дека Унгарија зела 1 милијарда евра кинески заем. Со оваа власт нема ниту правна држава, ниту транспрентност, ниту отченост, ниту отвореност. Се враќа начинот на владеење како пред 2016 година“, велат од СДСМ.

Сега се чека одговорните за финансиите во владата да ги завршат формалностите во однос на заемот од Унгарија, откако тој беше и заверен со носење на посебен закон во собранието од страна на пратениците. Опозицијата остана против и во законодавниот дом, но немаше што да направи по галсањето на законот. Административните трошоци за ова задолжување чинат околу 70 илјади евра кои треба да се платат од државната каса.

Инаку 2023 година заврши со јавен долг од 62 отсто. Јавниот долг на Македонија започна сериозно да се зголемува во екот на пандемијата кога тој надмина 15 отсто, а тогашните власти – сега опозиционери се задолжуваа кај меѓународните финансиски институции за да може да ја изменаџираат неколку годишната криза. 

И.П.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП