Буџетскиот дефицит на САД се приближи до крајот на фискалната година до износ од 1.900 милијарди долари, соопшти Министерството за финансии, истакнувајќи го скокот на каматните трошоци за поголемиот јавен долг.
Во периодот од октомври минатата година до август годинава, буџетскиот дефицит на САД изнесува 1.897 милијарди долари и е за 24 отсто поголем во однос на истиот период од минатата фискална година, објави Министерството. Фискалната година на САД завршува во септември.
Независниот институт CBO во јуни процени дека во целата фискална 2024 година буџетскиот дефицит ќе изнесува 1.900 милијарди долари и се чини дека „ќе биде блиску до таа сума“, забележува Одделот.
Според проценката на CBO, чии членови се поранешни функционери на централната банка, Министерството за финансии и поранешни претставници во Конгресот, тоа би одговарало на седум отсто од БДП. Во фискалната 2023 година, буџетскиот дефицит изнесуваше 1.695 милијарди долари, што одговараше на 6,3 отсто од БДП.
Скокот на буџетскиот дефицит во првите 11 месеци од фискалната 2024 година е резултат на повисоките каматни стапки, забележува Министерството. Расходите за камати беа приближно 30 отсто повисоки отколку во истиот период во фискалната 2023 година и изнесуваа 1,049 милијарди долари.
Просечната каматна стапка во август изнесуваше 3,35 отсто и е за речиси половина процент повисока од пред една година. Повисоките каматни трошоци го одразуваат и повисокиот износ на јавен долг кој надмина 35 трилиони долари.
Значајните фактори за овогодинешниот недостаток вклучуваат повисоки трошоци за владините програми за социјално осигурување и Медикер за стари лица и воени трошоци, покажаа податоците на Министерството за финансии.
Буџетските приходи се зголемија во првите 11 месеци од фискалната 2024 година за 11 отсто во споредба со истиот период од фискалната 2023 година, на 4,391 милијарди долари. Расходите се зголемени за 14 отсто, на 6.288 милијарди долари.