„Народната банка обезбедува квалитетни, детални и навремени податоци коишто веродостојно и објективно ги преставуваат финансиските и макроекономските состојби и трендови во економијата. Добрата статистика е предуслов за донесување одлуки и политики засновани на докази, вклучително и за централната банка во водењето ефективна монетарна и финансиска политика, зголемувањето на транспарентноста и отчетноста, а со тоа и на довербата во Народната банка. Како што еволуираат економиите, мора да еволуираат и статистиките, оттука унапредувањето на статистиките е постојан процес“, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во обраќањето на Националната конвенција за Европската Унија во нашата земја (НКЕУ-МК), којашто ја одржа четвртата сесија од Работната група 6, за поглавјата 5 − Јавни набавки, 18 − Статистика и 32 − Финансиска контрола.
„Анкетата за корисниците спроведена од Народната банка покажа дека 86% од корисниците на статистичките податоци покажуваат висок степен на задоволство од квалитетот на податоците коишто ги произведува централната банка, додека 78% сметаат дека статистичките соопштенија им се секогаш, односно најчесто корисни и им помагаат во толкувањето на податоците и анализата на позначајните движења во статистиките“, истакна Ангеловска-Бежоска, при што додаде дека основната водилка на Народната банка е примената на најдобрите светски практики во областа на статистиката и високото ниво на усогласеност со најновите меѓународни и европски барања. Во 2019 година, Народната банка, со нашиот статистички систем го исполни највисокиот стандард на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) − СДДС плус, како втора централна банка од земјите во Југоисточна Европа и прва од земјите во регионот на Западен Балкан, што е потврда за почитувањето на најдобрите стандарди за квалитет, интегритет и транспарентност.

