13 октомври, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПо неуспешната операција Адико, НЛБ не се откажува од Хрватска

По неуспешната операција Адико, НЛБ не се откажува од Хрватска

Ѕвездата на Љубљанската берза е Нова Љубљанска банка (НЛБ), која од почетокот на годинава ја зголеми цената на акциите за 45 отсто. На крајот на јули акцијата достигна рекордни 137 евра, но оттогаш и покрај добрите полугодишни резултати паднаа за десет отсто. Во тој период стана јасно дека доброволната понуда за преземање на австриската Адико банка била неуспешна. Што им порача на акционерите за ова претседателот на УО на НЛБ Блаж Бродњак?

Најголемата банка по билансна актива во Словенија, НЛБ, во првата половина од годината оствари речиси 300 милиони евра нето добивка, што е годишен раст од 20 отсто, што го надмина резултатот од рекордната 2022 година. Поради поволните монетарни услови, продолжија златните времиња за банките, но акционерите беа повеќе заинтересирани за неуспешното преземање на Адико банка, пишува Bloomberg Adria.

Кон средината на август истече рокот за понудата за доброволно преземање до која НЛБ имаше намера да стекне 75 отсто од акциите во Адико банка. „Понудата не успеа, што всушност и го очекувавме бидејќи поставивме високи услови“, оцени Бродњак.

Аналитичарите и познавачите на тогашните состојби оценија дека цената на акцијата била под притисок и пред конечната одлука за исходот од понудата, па затоа не предвидувале значителни падови. Некои додаваат дека неуспехот на преземањето може негативно да се одрази на цената на акциите на краток рок, но долгорочно тоа нема да биде причина за пад на вредноста.

И покрај неуспешната понуда, аналитичарите сè уште гледаат на акциите на НЛБ како привлечно купување. Последниот аналитичар, Мигел Диас од Wood & Company Financial Services, ја задржа својата 12-месечна целна цена на акциите на 176 евра, предвидување кое тој го даде во препораката на крајот на јули. Останатите осум аналитичари исто така препорачуваат купување на акциите, но тие ги дадоа своите препораки пред крајниот рок за преземање на Адико.

После тоа, акционерите се интересираа дали има законски пречки за повторно преземање.

Формално не можеме да дадеме нова понуда за следните 12 месеци“, одговори Бродњак и додаде дека нема други пречки.

Тој оцени дека успешното преземање значително ќе ги забрза напорите за постигнување на целите поставени во стратегијата 2030 година, но нагласи дека се бараат нови можности.

„Нема лесни начини, треба да бараме алтернатива“, заклучи тој.

Клучот за успешно преземање на Адико би бил влезот на НЛБ на хрватскиот банкарски пазар.

Таму ќе бидеме веќе следната недела, преку лизинг“, најави Бродњак.

Потоа треба да се склучи трансакцијата.

„Со тоа ќе станеме единствениот финансиски давател присутен во сите земји од регионот Адриа. Сепак, веруваме дека ова е само првиот чекор на хрватскиот пазар“, изјави Бродњак.

Со оглед на тоа дека не ги крие своите амбиции за влез на хрватскиот пазар, инвеститорите се интересираа колку тој пазар е важен. Бродњак оцени дека во моментов неговото значење е мало, но веќе следната недела ќе биде поголемо. Тој рече дека крајната цел е да почне да работи како банка на тој пазар.

„Не е неопходно да се преземе банката, можеме да работиме преку границите. Гледам голема можност по референдумот за вториот блок на нуклеарната централа Кршко. Во овој проект учествуваат и двете земји и ќе бидат потребни големи финансиски средства“, оцени Бродњак.

По неуспешната понуда, акционерите се прашуваа колку потенцијални цели за преземање има во регионот.

„Има неколку помали банки, во следните неколку години албанскиот пазар ќе биде атрактивен, а гледаме голем потенцијал на пазарот на лизинг“, рече Бродњак. Тој додаде дека се уште не знаат дали некоја друга банка во регионот би била подготвена за „промена на пазарот“.

„Не мислиме дека треба да се натпреваруваме во однос на трошоците со другите, ниту мислиме дека треба да нудиме секакви инвестиции и услуги“, додаде Бродњак.

Дали идните дивиденди ќе бидат уште повисоки?

Дали ако нема преземање, дивидендите ќе бидат повисоки? „Следната година исплатата на дивидендата треба да надмине 40 отсто од добивката од 2024 година, додека годинава изнесува точно 40 отсто од добивката од 2023 година. Доколку нема преземање на повидок, сакаме да ја споделиме добивката со акционерите, повторно нагласи тој. Тој додаде дека одлуката за дивиденда ќе ја донесе напролет следната година, а висината ќе зависи од тоа дали ќе има можност за преземање и каква капитална основа ќе се бара.

Акционерите се интересираа и дали минатогодишните поплави го променија мислењето на Словенците за важноста на осигурувањето. „Секоја природна катастрофа предизвикува луѓето да сфатат дека не се доволно осигурани. Секој ваков погубен настан е поучен за населението“, рече Бродњак. Тој гледа и голем потенцијал за раст на осигурувањето во целиот регион

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП