Германија се повеќе произведува електрична енергија од обновливи извори. Уделот на производството на енергијата од ветер, соларни централи, вода и биомаса во првата половина од годинава достигна рекордни 61,5 отсто од вкупното производство на електрична енергија.
Најмногу зелена електрична енергија доаѓа од енергијата на ветерот – 33 отсто од сите обновливи извори, објави Федералниот завод за статистика. Првите шест месеци од 2024 година беа ветровити, а беа произведени 73,4 милијарди киловат часови, 11,9 отсто повеќе од минатата година.
Благодарение на дополнителните инсталирани системи, производството од фотоволтаици исто така се зголеми за 8,3 отсто, на 30,5 милијарди киловат часови. Тоа е удел од близу 14 проценти од вкупната количина на електрична енергија.
Сепак, уште повеќе струја доаѓа од електраните на јаглен, кои според плановите на владата треба да бидат затворени на среден рок.
Со помош на јаглен до потрошувачите стигнале 45,9 милијарди киловат часови електрична енергија, за 26,4 отсто помалку од 2023. Ова е најниско учество од почетокот на мерењата во 2018 година.
Сепак, јагленот остана втор по важност извор на енергија со учество од 20,9 отсто во вкупното производство на електрична енергија. Произведениот гас е 32,1 милијарди киловат часови или 14,6 отсто.