Рекорден 1 долар на секои 10 долари потрошени на глобално ниво во 2024-та година ќе биде за патување, бидејќи луѓето активно резервираат хотели, крстарења и летови, се вели во годишниот извештај на Светскиот совет за патувања и туризам (WTTC), цитиран од „Reuters“.
Придонесот на патувањата и туристичката индустрија во глобалниот бруто домашен производ се очекува да достигне нов рекорд бидејќи потрошувачите го гледаат патувањето како сè посуштински дел од нивниот буџет.
„WTTC“ прогнозира дека придонесот на индустријата во глобалниот БДП оваа година ќе се зголеми за 12,1% на годишно ниво до 11,1 трилиони долари, што претставува 10 отсто од светскиот бруто домашен производ.
„И покрај некои загрижености минатата година за влегување во глобална рецесија и забрзување на инфлацијата, оваа година веруваме дека патувањето и туризмот се вистинска економска сила на глобално ниво“, коментираше извршната директорка на невладината организација Џулија Симпсон.
Трошоците за патувања во американската, кинеската и германската економија се очекува да придонесат најмногу за БДП-то.
Се предвидува дека секторот ќе поддржи скоро 348 милиони работни места во 2024-та година, или 13,6 милиони позиции повеќе отколку во 2019-та година – претходниот рекорд пред пандемијата. Индустријата сè уште вработува за да пополни позиции во брзорастечкото поле.
Во моментов има 1 милион отворени работни места во индустријата за одмор и угостителство во Соединетите Држави, според Американската асоцијација за патувања. Вкупната вработеност во секторот во САД е околу 27 милиони работни места за 2023-та година, додава „WTTC“.