Швајцарските компании и потрошувачите сега можат да вршат инстант електронски плаќања, достигнувајќи ги другите европски финансиски центри каде ултра брзите трансфери стануваат многу попопуларни.
Инстантните плаќања овозможуваат трансфери во рок од 10 секунди од плаќањето, наместо да се чекаат денови за да се одобри трансакцијата. Тие се користат во Европа од 2017-та година, а во САД од минатата година.
Во Европа, употребата на инстант плаќања се зголеми од 5,2% од сите трансфери во октомври 2019-та година на 17,8% во февруари оваа година, покажуваат податоците на Европската централна банка.
Околу 60 финансиски институции можат да примаат и обработуваат инстант плаќања, покривајќи повеќе од 95% од швајцарските малопродажни трансакции, соопшти во средата централната банка, започнувајќи ја својата шема со давателот на финансиските системи „SIX“.
Повеќе банки ќе објават слични услуги во наредните месеци, соопшти централната банка, а сите финансиски институции во Швајцарија се очекува да ја понудат услугата до крајот на 2026-та година.
И покрај растот на апликациите за мобилно плаќање, Швајцарците остануваат љубители на физичката готовина, која е најприфатениот начин на плаќање од компаниите со физички продажни места, покажа истражувањето на централната банка на почетокот на оваа година.
„Ова лансирање претставува нова важна пресвртница и ја одразува колективната посветеност на засегнатите страни за иднината на безготовинските плаќања во Швајцарија“, соопшти централната банка.
Додека традиционалните плаќања се сè уште можни, централната банка очекува да се воспостават инстант плаќања на среден рок, додава институцијата.
Инстантните плаќања го намалуваат ризикот од порамнување бидејќи трансферот е моментален и конечен, а двете страни имаат ажурирани салда во секое време, што го олеснува планирањето и буџетирањето.
Забрзувањето на плаќањата може да го поттикне и економскиот развој, бидејќи компаниите можат побрзо да ги реинвестираат парите што ги добиваат.