13 октомври, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈавниот долг на Италија достигна рекордни близу 3 трилиони евра

Јавниот долг на Италија достигна рекордни близу 3 трилиони евра

Државниот долг на Италија се искачи на рекордно ниво од речиси 3 трилиони евра во јуни, објави централната банка на третата по големина економија во Европа.

Италијанскиот долг достигна речиси 2,949 трилиони евра, што е раст од 30,3 милијарди евра на месечно ниво, објави централната банка во коминикето.

Долгот, кој падна под прагот од 2,7 трилиони евра во ноември 2021-ва година, оттогаш постојано расте и се зголеми за над 180 милијарди евра откако премиерката Џорџа Мелони дојде на власт.

Во јуни „зголемувањето на долгот ги одразува потребите на јавната администрација“ (15,3 милијарди евра), зголемената потреба за ликвидност на Министерството за финансии (13,5 милијарди евра), како и ефектот на распоните и премиите врз емисиите индексирани на хартии од вредност за инфлација и динамиката на девизните курсеви (1,4 милијарди евра), прецизира италијанската централна банка.

Рим известува за мешани економски показатели: пад на невработеноста, повисоки нивоа на вработеност, пораст на реалните плати – иако под нивото од 2007-ма година, невидена ситуација меѓу земјите на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и инфлација, која е под просекот за евро областа.

Економскиот раст сепак остана умерен – со стапка од 0,2 отсто во вториот квартал. Владата во април ја намали прогнозата на 1 отсто оваа година и 1,2 отсто во 2025-та година. Италијанската централна банка се обложува на 0,6 отсто во 2024-та година, 0,9 отсто во 2025-а година и 1,1 отсто во 2026-та година.

Опциите на италијанската влада за буџетски маневри се ограничени, а задолженоста продолжува да расте, додава АФП.

ЕУ официјално започна постапка за прекумерен дефицит против Италија и шест други земји-членки (Франција, Белгија, Унгарија, Полска, Словачка и Малта) на крајот на јули.

Минатата година овие земји го поминаа прагот на прекумерниот буџетски дефицит од 3 отсто од бруто домашниот производ (БДП) утврден во Пактот за стабилност, според кој долгот треба да биде до 60 отсто од БДП.

Италија е земјата со најголем дефицит минатата година (7,4 отсто од БДП), а нејзиниот јавен долг е еден од највисоките во ЕУ – 137 отсто од БДП, потсетува АФП.

Земјите погодени од дисциплинските мерки до септември мора да достават среднорочни планови за надминување на состојбата.

ЕК ќе ја објави својата оценка за овие планови во ноември, со детали како да се врати буџетската стабилност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП