Минатата година Германија уплатила значително повеќе во буџетот на Европската унија отколку што потрошила од неа, според германскиот економски институт, кој ги анализирал податоците од Европската комисија.
Во 2023 година, Германија уплати околу 17,4 милијарди евра повеќе во буџетот на ЕУ отколку што доби, што ја прави најголемиот нето-придонесувач. Годината пред тоа дала 19,7 милијарди евра.
На второ место е Франција, која лани плати речиси девет милијарди евра повеќе отколку што повлече од буџетот на ЕУ. Италија е на трето место, со нето придонес од околу 4,5 милијарди евра, пренесува германската агенција ДПА.
Најголем нето-примател во 2023 година – како и претходната година – беше Полска со 8,2 милијарди евра. Зад неа се Романија со шест милијарди евра и Унгарија со 4,6 милијарди евра.
Кога се гледаат нето плаќањата по глава на жител, проценката покажува дека Ирска е на врвот со 236 евра. Во Германија исплатите изнесуваат 206 евра по жител.
Буџетот на Унијата во 2023 година изнесува 173,1 милијарди евра. Од нив 143,4 милијарди евра отидоа за земјите-членки.
Дополнително, имаше средства од европскиот фонд за закрепнување од пандемијата од 66,1 милијарди евра, од кои 64,6 милијарди евра се искористени од членките.
Како најголем нето финансиер на Унијата, Германија обезбедува речиси четвртина од средствата. Во исто време, германската влада нагласува дека Германија, исто така, има поголема корист од внатрешниот пазар на ЕУ од која било друга земја-членка.