11 октомври, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈА„Apple“ ќе наплаќа 20 долари за „Apple Intelligence AI“ функции?

„Apple“ ќе наплаќа 20 долари за „Apple Intelligence AI“ функции?

„Apple“ би можел да им наплати на своите корисници до 20 долари за напредни функции за вештачка интелигенција бидејќи компанијата се обидува да поттикне раст во својот профитабилен бизнис со услуги.

Гигантот од Купертино планира да го претстави „Apple Intelligence“, својот претстоен систем за вештачка интелигенција, на некои од своите уреди подоцна во оваа година.

Кога „Apple“ го објави својот систем за вештачка интелигенција во јуни, компанијата вети подобрен гласовен асистент „Siri“, како и функции кои вклучуваат автоматско генерирање на е-пошта и слики. Иако овие функции ќе се воведуваат постепено (региони како Кина и Европа првично нема да имаат пристап), „Apple“ би можел да наплати претплата за понапредни апликации, велат аналитичарите.

Нил Шах, партнер во „Counterpoint Research“, рече дека инвестирањето во вештачка интелигенција е скапо и „Apple“ ќе сака да ги пренесе тие трошоци на своите корисници.

„Софтверот и услугите го прават моделот на претплата „Apple One“ попрофитабилен“, изјави Шах во интервју за „CNBC“ минатата недела.

Дали користењето на функциите на „Apple Intelligence“ значи месечна претплата?

„Apple One“ чини 19,95 долари месечно и им овозможува на корисниците пристап до различни услуги на „Apple“, вклучително и „Apple Music“.

Шах рече дека „Apple“ може да наплати помеѓу 10 и 20 долари за „Apple Intelligence“, потенцијално како дел од „Apple One“, за понапредни функции за вештачка интелигенција.

Одделот за услуги на „Apple“ донесе 24,2 милијарди долари во вториот квартал, што го прави единствен по тоа што многу други хардверски компании не успеаја да монетизираат софтвер.

„Apple е една од ретките компании за поврзани уреди што успешно ги монетизираше услугите со додадена вредност што ги нуди“, изјави Бен Вуд, шеф на истражување во „CCS Insight“.

„Како резултат на тоа, тие направија преседан со своите корисници дека треба да платат за понапредни услуги. Врз основа на ова, не може да се исклучи дека „Apple“ ќе одлучи да наплаќа за напредни функции во рамките на својот пакет „Apple Intelligence““, додава Вуд.

Вуд рече дека „Apple Intelligence“ може да му дозволи на американскиот гигант да лансира пакет на претплатни услуги со различни услуги по единствена цена.

„Но, исто така, „Apple“ нема да биде подготвена да ги намали приходите од индивидуалните производи со претплата“, рече Вуд.

Не е невообичаено технолошките компании да наплаќаат за нивните услуги за вештачка интелигенција. „OpenAI“, на пример, има претплата за понапредни функции „ChatGPT“, а „Microsoft“ наплаќа за својата алатка „AI Copilot“.

За „Apple“, вештачката интелигенција дава можност дополнително да ја задржи својата веќе лојална корисничка база, според Шах, бидејќи „Apple Intelligence“ ќе учи од однесувањето на корисниците и ќе станува сè поперсонализирана, пренесува „CNBC“.

„Убавината на вештачката интелигенција е во тоа што додека ја користите повеќе, таа учи повеќе за вас, а вие станувате врзани за самиот модел бидејќи не можете да го префрлите вашиот модел од „Apple“ на „Android““, рече Шах.

„Тука почнувате да користите се повеќе и повеќе, се навикнувате на тоа и тука почнува да заработува „Apple“, додава тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП