4 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСАД ја предупредуваат Турција да не извезува американска технологија во Русија

САД ја предупредуваат Турција да не извезува американска технологија во Русија

САД упатија предупредување до Турција дека ќе има последици доколку земјата не го запре извозот во Русија на американската воена опрема од витално значење за воената машина на Москва. Ова го изјави за Фајненшл тајмс висок претставник на американското Министерство за трговија.

Неодамна, помошникот секретар на американското Министерство за трговија, Метју Акселрод, се состана со турските власти во Анкара и Истанбул. Неговата порака беше дека Турција треба да стори повеќе за да ја запре трговијата со чипови и други производи од САД кои се клучни за руската војна во Украина.

„Неопходно е Турција да ни помогне да го запреме нелегалниот проток на американската технологија во Русија“, изјави Акселрод за медиумите и додаде: „Треба да видиме напредок и брзо од турските власти и индустријата, или нема да имаме избор и ќе наметнеме последици врз оние што ги заобиколуваат нашите контроли за извоз“.

САД се особено загрижени што Турција стана клучен центар преку кој западната електроника, вклучително процесори, мемориски картички и засилувачи, го наоѓа патот до руските ракети и беспилотни летала што ги прекршува извозните контроли. Машините за сечење метал сѐ уште една област на загриженост.

Американскиот помошник секретар за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Нелсон, за време на посетата на Турција кон крајот на минатата година, изрази незадоволство од трговијата на Анкара со стоки со можна воена употреба. Се верува дека Турција е вториот по големина извор на високо-приоритетни американски стоки за Русија по Кина, според претставникот на американското Министерство за трговија.

Акселрод ѝ кажа на турската влада дека оваа трговија е „итно прашање“ и ја повика Анкара „да донесе и спроведе забрана за повторен извоз на контролирани американски стоки во Русија“.

Американското Министерство за трговија веќе додаде 18 турски компании на списокот на организации кои обезбедуваат чувствителна опрема за која се потребни посебни дозволи. Американското Министерство за финансии одделно ги санкционираше турските компании за наводни испораки на рускиот воено-индустриски комплекс.

Турското Министерство за трговија одби да ги коментира американските тврдења.

Извозот на Турција на воена стока со висок приоритет во Русија или преку наводни посредници како Азербејџан и Казахстан, нагло скокна од почетокот на војната, соопшти ФТ. Според пресметките на изданието врз основа на податоците на турската царина, за првата половина на 2024-та година овој извоз изнесувал 85 милиони долари, во споредба со 27 милиони долари за истиот период во 2022-ра година.

Сепак, турскиот извоз на воена стока се чини дека се намалил од својот врв во 2023-та година. Според американското Министерство за финансии, ова се должи на извршната наредба на претседателот Џо Бајден со која се дозволува секоја компанија што има бизнис со санкционирана руска организација да се третира како директна договорна страна на рускиот воено-индустриски комплекс.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП