Европската унија подготвува трговска стратегија во случај Доналд Трамп да победи на претседателските избори во Соединетите држави во ноември, а таа се заснова на брз договор или одмазднички тарифи доколку Вашингтон воведе царини од 10 отсто на стоките увезени во САД.
Европските преговарачи планираат да му пристапат на тимот на Доналд Трамп за да разговараат за тоа кои американски производи Европската унија би можела да ги купи во поголеми количини, пишува Financial Times (FT).
Доколку преговорите не успеат и Трамп го исполни ветувањето дека ќе воведе увозни царини од 10 отсто, што би можело да го намали извозот од ЕУ за околу 150 милијарди евра годишно, Брисел ќе разгледа одмазднички тарифи од 50 отсто за одредени стоки.
-Мора да покажеме дека сме партнер на Соединетите Американски Држави, а не проблем. Ќе бараме договор, но подготвени сме да се браниме доколку не се постигне. Нема да бидеме водени од стравот, изјави за ФТ анонимен висок функционер на Европската унија.
Комесарот за трговија на ЕУ, Валдис Домбровскис, рече дека двете страни би можеле да избегнат повторување на минатите конфликти.
„Ние веруваме дека САД и ЕУ се стратешки сојузници, а особено во сегашниот геополитички контекст, важно е да работиме заедно на трговијата“, рече тој.