Во сенка на економската криза, кражбите на храна во маркетите стануваат сè почести.
Вработените сведочат за зголемен број инциденти, особено откако цените на основните животни потреби драстично пораснаа.
Според нив, најмногу се крадат производи со висока вредност, но не се поштедени ни оние кои се дел од секојдневната потрошувачка како кашкавалот, путерот, сирењето, паштетите…
Чоколадите исто така често завршуваат во џебовите на крадците.
Како мерка за превенција, маркетите ги преместуваат скапите и често крадени производи поблиску до касите, каде што е полесно да се надгледуваат.
Алкохолните пијалаци, парфемите, маслиновото масло, нес-кафето, пакуваните бадеми, лешниците и индиските ореви сега се достапни само по барање на каса, бидејќи ризикот од кражба е преголем за да останат на отворените рафтови.
Сопственикот на еден маркет во населбата Волково, кој сакаше да остане анонимен, сподели дека секојдневно се соочува со предизвиците што ги носат кражбите.
„Секој ден имаме случаи на кражба. Понекогаш се работи за мали количини, но има и обиди за кражба на поголеми залихи. Ова не само што нè става во финансиски ризик, туку и создава атмосфера на недоверба и страв меѓу вработените и купувачите“, објаснува тој,
Сопственикот додава дека ги преземаат сите можни мерки за заштита, вклучувајќи и воведување на дополнителни безбедносни камери и обука на вработените за препознавање на сомнително однесување.
Оваа ситуација е одраз на поголемиот проблем со кој се соочува државата – сиромаштијата и недостапноста на основните потреби за голем дел од населението.
Додека властите се обидуваат да најдат решение, граѓаните и бизнисите се принудени да се прилагодат на новата реалност.
Кражбите на храна можеби се само симптом на поголемата болест што ја мачи општеството, но тие се и потсетник дека многумина сè уште се борат за да ги задоволат своите најосновни потреби.
Б.З.М.