27 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПродлабочувањето на буџетска дупка предизвикува загриженост и кај економистите!

Продлабочувањето на буџетска дупка предизвикува загриженост и кај економистите!

Во собранието почна дебатата за ребалансот на буџетот. Потребни се 300 милиони евра да бидат пренаменети од проекти кои се во застој или со слаба реализација или пак да се скратат дел од непродуктивните трошоци планирани за годинава и да се трошат за исплата на зголемени пензии, за проекти на локално ниво, но и за функционирање на новите министерства.

Власта уверува дека ќе ја среди катастрофалната состојба која ја најследиле во државата, а опозицијата предупредува за целосен колапс на економски план. Со свој став денеска излезе и Институтот за економски анализи и политики Finance Think. Економистите сметаат дека најавеното проширување на буџетскиот дефицит е целосно застранување од патеката на фискална консолидација, која иако беше недоволна, отпочна по пандемиската 2020 година.

Од Институтот велат дека она што најмногу загрижува во предложениот ребаланс на Буџетот е секако расходната страна. Со ребалансот се предвидува дека вкупните расходи ќе се зголемат за 19.2 милијарди денари споредено со основниот буџетски план за 2024 година. Со тоа, буџетскиот дефицит забележува драматичен раст, од првично проектираните 3.4% на 4.9% од БДП. 

Проширувањето на буџетскиот дефицит не е и не смее да се третира како изненадување. Политичките ветувања во периодот пред изборите што се одржаа годинава, навестуваа дека за нивното остварување е потребно значително проширување на фискалниот простор, што сега се огледува во 44%-но зголемување на буџетскиот дефицит.

Економистите се на став дека во одредена мера, проширувањето е резултат на централното ветување за линеарно зголемување на пензиите од 2,500 денари во септември 2024, односно вкупно 5,000 денари заклучно со март 2025. Со линеарното септемвриско усогласување, трошокот за пензии е скоро двојно поголем од редовното усогласување на пензиите со трошоците на живот и просечната плата, и тоа го притиска новопроектираниот продлабочен дефицит.

„Finance Think изразува загриженост дека ваквото проширување на буџетскиот дефицит е целосно застранување од патеката на фискална консолидација, која иако беше недоволна, отпочна по пандемиската 2020 година. Проширувањето на фискалниот дефицит е резултат и на две други тенденции. Првата се однесува на истрошеноста на буџетот заклучно со јуни 2024: на пример, буџетскиот дефицит заклучно со јуни 2024 е потрошен во износ од 71%, што е значајно несразмерно со периодот за кој се однесува. Покрај политичката димензија, истрошеноста на буџетскиот простор е тесно поврзана и со повеќеслојната економска криза од претходните години. Втората тенденција е неможноста, или недоволното време, да се консолидира и рационализира расходната страна, а во услови на претходно-преземени законски обврски кои сега имаат или ќе имаат фискална реализација. Сепак, разбирливо е дека за значајно консолидирање на расходните ставки, подалеку од ставката стоки и услуги и традиционалната дебата за користење возила, ручеци, мебел и хонорарно вработување партиски членови, е неопходно одредено време“, велат од Finance Think.

Овој Предлог-ребалансот беше првиот предизвик на кој се работело во Министерството за финансии и од таму велат дека предложиле едно најоптимално решение. Со ребалансот се обезбедуваат средства за сите оние и за се она што било предвидено со закон, а немало планирано средства, односно средства за вработените, пензионерите, студентите, компаниите, како и за плаќање обврски по основ на камати, заеми и слично.
 
„Како одговорна Влада која го почитува словото на Законот нема да отстапиме од она што е обврска и со ребалансот се обезбедуваат средства да се сервисираат сите обврски. Ваквиот одговорен пристап што го применивме резултира во буџетот со промени на приходната и расходната страна, како и буџетскиот дефицит. Се обидовме и направиме максимални заштеди од се она што немаше динамика на реализација и средствата коишто стоеја неискористени, од се она што претставува несуштински расход и успеавме, водејќи се од напорите за фискална консолидација, да најдеме заштеди од околу 20 милијарди денари и да ги употребиме онаму каде ни требаат“, велат од Министерството за финансии.

Опозицијата пак смета дека ребалансот не е во согласност со македонската економија. Продлабочувањата на дефицитот и јавниот долг многу негативно ќе се одрази не само врз економските случувања во државата, туку последици ќе имаме и како општество во глобала.

„Бранот на задолжување е насочен и кон внатре. На приходната страна се предвидува зголемување на приходите по основ на задолжување од претходно-предвидените 39.753.000.000 денари (646,4 милиони евра) на нови 55.128.000.000 денари (896, 3 милиони евра), односно околу 250 милиони евра ќе бидат заробени од државата од домашните комерцијални банки. Наместо да се води политика која ќе ги поттикнува домашните компании со лесен пристап до кредити од локалните банки, Владата ги “заробува” овие средства, создавајќи финансиска препрека за развој на приватниот сектор. Со оваа политика не само што ќе се намали финансискиот капацитет на банките да поддржуваат нови проекти и инвестиции, туку ги принудува и домашните компании да се задолжуваат во странство, под услови кои се договорени вонсистемски, во четири очи, а којзнае, можеби и на други места. Во предложениот ребаланс може да се препознаат и други прераспределби кои ќе го зголемат притисокот на компаниите своите инвестиции и развој да ги реализираат преку унгарскиот кредит“, велат од СДСМ.

Со измените и дополнувањата вкупните приходи се планирани на  318,2 милијарди денари, или зголемување за 2,6%, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Вкупните расходи се планирани на 362,8 милијарди денари или повисоко за 5,6%, односно за околу 19,2 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година.  

Врз основа на ревидираните проекции на приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4% на 4,9% од БДП. Со Ребалансот, а условено од понеповолното меѓународно окружување, послабото остварување во 2023 година и економските движења во 2024 година, направена е надолна ревизија на очекувањата за раст на домашната економија годинава проектиран на 2,1%, наспроти претходно планираниот 3,4%.

Додека стапката на инфлација за 2024 година е проектирана на 3,5%, што претставува значително забавување на ценовната динамика споредено со 2023 година. Во рамки на Комисијата општата расправа по Предлог-ребалансот може да трае до 10 дена. На доставениот предлог поднесени се 58 амандмани.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП