18 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКаде се најскапите и најевтините пазари за домување во Грција?

Каде се најскапите и најевтините пазари за домување во Грција?

Цените на викендичките за продажба на еден од најпознатите грчки кикладски острови се на највисоко ниво во последните десет години, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Цените на куќите продолжија да растат оваа година, а пазарот на луксузни недвижнини расте, особено во многу популарни дестинации како Миконос и Санторини, каде што се наоѓаат повеќе луксузни имоти.

Според најновото годишно истражување на пазарот за недвижнини за одмор, имот со посебни карактеристики во однос на локацијата и удобностите може да се продаде за 32.350 евра по квадратен метар во Миконос, а во Санторини цената достигнува и до 25.000 евра за метар квадратен, како и 17.780 евра за квадрат на Парос.

Сепак, овие цени се за имоти кои се избројуваат на прстите од едната рака и ретко се огласуваат за продажба.

Просечната цена на конвенционалните имоти е зголемена за 6,9% оваа година.

Најголем пораст има на островот Миконос со 10,1% – од 2.500 евра по квадратен метар на 2.750 евра по квадрат, следен од Санторини со раст од 7,1% до 2.200 евра по квадратен метар и Парос со пораст од 7 отсто во споредба до минатата година до 2.195 евра за квадрат.

Во Серифос цените пораснале за 5,2 отсто на 1.530 евра за метар квадратен, а во Кеа растот достигна 4,9 отсто на 2.045 евра за метар квадратен.

Во однос на површината, најголемите летни резиденции се наоѓаат во Миконос и Парос.

На спротивна страна, становите во Касторија се најевтини за купување во Грција и се продаваат за една четвртина од цената на становите во центарот на Атина.

Споредбата на понудените цени во различни делови на земјата јасно покажува дека поскапувањата се главно концентрирани во двата големи урбани центри Атина и Солун и во популарните туристички дестинации и значително помалку ги погодуваат другите градови, особено во Северна Грција. Таму сѐ уште е лесно да се купи имот за под 1.000 евра за метар квадратен.

Во Касторија просечната понудена цена за периодот април-јуни е намалена за 3,3% на 566 евра за метар квадратен, покажува индексот на цените на SPI на компанијата Спитогатос. Во центарот на Атина, просечната цена на куќите во истиот период се зголеми за 12,4% на годишно ниво на 2.120 евра за метар квадратен.

Така, за да се купи стан од 100 квадратни метри во Касторија, на човек му требаат просечно 56.500 евра, додека во Атина истите пари се доволни за само една спална соба, бидејќи просечната цена на сличен стан достигнува 212.000 евра.

Меѓу градовите со најниски цени за домување во Грција се и Кожани (650 евра по квадратен метар), Карадица и Лерин (663 евра по квадратен метар), Кукуш (687 евра по квадратен метар), Гревена (688 евра за м2) и Драма (714 евра за квадрат).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП