18 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАНеизвесноста доминира во стратешката минерална индустрија

Неизвесноста доминира во стратешката минерална индустрија

Многу компании не сакаат да инвестираат во проекти за стратешки минерали и енергетска транзиција поради несигурноста за побарувачката на потрошувачите за електрични автомобили и посветеноста на владите за постигнување јаглеродна неутралност, предупредија претставници на индустријата.

На светот ќе му требаат сè поголеми количини на литиум, кобалт и бакар за целосно да се префрлат од фосилните горива. Меѓутоа, во следните неколку години, тој распоред останува под знак прашалник, истакнаа играчите во индустријата на Светскиот форум за минерали во Париз.

И Европската унија (ЕУ) и 12 американски држави имаат за цел да ја забранат продажбата на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување до 2035-та година, но тие цели полека почнуваат да се соочуваат со одвраќање.

„Мислам дека во моментов има многу големи сомнежи дека тоа ќе се случи“, рече на конференцијата Матијас Мидреих, поранешен извршен директор на белгиската групација за рециклирање и материјали за батерии „Umicore“.

„Тоа го отежнува инвестирањето“, додава тој.

Во мај, Мидреих се повлече од „Umicore“, кој ја намали прогнозата за профит за 2024-та година поради слабите прогнози за побарувачката за материјали за батерии. Ова се должи на заладувањето на продажбата на електрични возила во ЕУ, која падна за 12 отсто во мај во споредба со истиот месец во 2023-та година.

„Финансирањето не беше голем проблем пред неколку години“, вели Стефан Мишел, претседател на единицата за обновливи извори на енергија во „TotalEnergies“.

„Сè уште можете да најдете капитал, но мора да го имате вистинскиот проект“, додава тој.

„TotalEnergies“ е вклучена во заедничкото вложување за батерии „ACC“ со производителите на автомобили „Stellantis“ и „Mercedes“.

Менаџер во голема европска хемиска групација која испорачува материјали за батерии, истакнува дека многу компании прифаќаат дека ќе има одложување од околу две години во енергетската транзиција, при што прогнозите за 2030-та година сега се префрлаат на 2032-ра година.

„Тоа е мислењето во моментов, но може да се промени и да биде поинаку, тешко е да се каже“, изјави извршниот директор за „Reuters“, кој сакаше да остане анонимен.

Друг претставник на глобална компанија за материјали за батерии истакна дека побарувачката за важни материјали во Кина и Азија останува стабилна, за разлика од Европа и САД.

„Прашањето е каде да го ставите вашиот нов капацитет. Мора да бидете многу пргав, пазарот се движи многу брзо“, нагласува тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП