21 април, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈАДа не се чудиме во зима зошто воздухот е загаден, да превенираме...

Да не се чудиме во зима зошто воздухот е загаден, да превенираме уште од сега!

Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека лани имале над две илјади надзори каде се проверувале компании дали ги почитуваат правилата за заштита на животната средина. Од инспекторатот велат дека нивната улога не е да биде страв и трепет за индустријата и само да казнува, туку да делува превентивно.

Новите компании кај кои ќе се утврди надминување на дозволениот праг на испуштени штетни материи добиваат опомена, а доколку по втор пат се забележи такво нешто тогаш веднаш следува санкција. А, доколку три пати еден индустриски капацитет биде казнет, ја губи дозволата за работа.

Секоја година проблемот со загадувањето е ист. Во зимските месеци се гушиме, а во лето забораваме на аерозагадувањето, па затоа еко активистите кои се дел од Советот на Град Скопје решија работите да ги започнат со време и предложија превентивен план кој е прифатлив и има за цел намалување на штетните последици од загадувањето на воздухот.

Во текот на ланската година Државниот инспекторат за животна средина изрекол парични казни во висина од 2,5 милиони евра, се наведува во годишниот извештај на инспекторатот. Од нив 500 илјади евра веќе се наплатени, а останатите се во постапки, дел судски, а за дел се водат спогодбени постапки. Во извештајот не може да се заклучи кој е најголемиот загадувач во земјава, индустријата, автомобилите или домаќинствата кои користат огревно дрво за секојдневна употреба.

Советниците на Зелен хуман град Драгана Велковска и Горјан Јовановски на последната седница на Град Скопје доставија 19 препораки за намалување на аерозагадувањето во главниот град.

Препораките се поткрепени со опсежни анализи и се насочени кон намалување на стапките на загаденоста на воздухот во Скопје. Советниците велат дека предлозите опфаќаат низа мерки, како што се редовна хигиена на улиците, зголемување на урбаното зеленило, подобрување и планско проширување на постоечката велосипедска инфраструктура, како и нормирање на истата, зголемување на бројот на контејнери за селекција на отпад, воспоставување на 24 часовен автоматски, јавно достапен мониторинг систем врз сите емисиони точки во воздухот, промена на сообраќајниот режим низ централното градско подрачје, интегрирање на железничкиот сообраќај во јавниот превоз, транзиција кон енергетска ефикасност за сите јавни објекти и други комплементарни мерки.

„Реализација на овој сет на мерки е возможна од 6 месеци од денот на усвојување како краткорочни мерки, па сѐ до 6 години како долгорочно решение за еден од најгорливите проблеми на Скопје. Проблемот со аерозагадувањето предолго се игнорира, а тоа чини човечки животи. Според последните бројки на ЕУ, во Македонија над 5.000 граѓани годишно предвремено умираат како последница на аерозагадувањето. Затоа, од исклучителна важност е да се најде функционален модел за меѓуинституционална соработка и да се издвојат средства за оваа намена, без понатамошни одложувања и изговори. Ова не е прв пат да се поднесуваат предлози, истото се прави со години, но сега тие доаѓаат директно од граѓаните, и сите оние кои ќе решат да не ги поддржат ќе одговараат пред нив“, смета еко активистот Горјан Јовановски.

Советот на Скопје ги прифати сите 19 предлози за намалување на загадувањето на воздухот. Редовно секоја зима Скопје а и поголем дел од македонските градови се на врвот на листите по аерозагаденост. Во тој период од годината граѓаните на Македонија се надеваат дека во текот на денот ќе има ветер кој ќе го издува смогот и густата магла која е неподнослива.

Секоја влада во изминативе триесетина години ветуваше дека ќе го реши проблемот, без ралика дали станува збор за централна или локална власт. Ветувањата беа големи а резулатаите никакви.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП