Платите на претседателите, премиерите и другите шефови на држави се далеку помали од оние на извршните директори на големите меѓународни корпорации. Графиконот на „Visual Capitalist“ ги рангира 10-те најплатени лидери во светот заклучно со јуни 2024-та година, врз основа на податоци од различни извори.
Најплатен шеф на државата е сингапурскиот премиер Лоренс Вонг со годишна плата од над 1,6 милиони долари. Неговиот годишен пакет за наградување вклучува 13-та плата и други бенефиции.
На второ место е главниот управител на Хонг Конг, Џон Ли Ка-чиу со плата од 695.000 долари. Неговата функција беше создадена во 1997-ма година по предавањето на Хонг Конг од Обединетото Кралство на Народна Република Кина, заменувајќи ја позицијата гувернер на Хонг Конг, кој беше претставник на британскиот монарх за време на британското владеење.
Третото место го зазема претседателката на Швајцарија, Виола Амхерд, со годишна плата од 530.000 долари.
Американскиот претседател Џо Бајден е четврти во рангирањето со 400.000 долари годишно. На седмото место со плата од 364 илјади долари е претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Бројките за Хонг Конг се од 2022-ра година. Сите бројки се во американски долари и се приближни. Тие варираат од година во година во зависност од промените во политиката, дополнителните бенефиции и други компензации.