12 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНародната банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за...

Народната банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за 2025 година

Народната банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2025 година. Наградата се доделува заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри.

Кој може да учествува?

Право за учество на Конкурсот имаат државјаните на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на Конкурсот.

Што треба да содржи трудот со којшто се конкурира?

Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови:

апстракт;

осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува;

опис на методите на истражување коишто се користат во трудот;

анализа;

заклучни согледувања и

библиографија.

Дали може да се конкурира и со труд којшто веќе бил објавен?

Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд коишто веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2023 година. При поднесувањето труд којшто веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.

Како и каде се поднесуваат трудовите?

Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: [email protected]. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

Еден автор има право да поднесе само еден труд. Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или на англиски јазик.

Според кои критериуми ќе се вреднуваат трудовите?

Релевантност на истражуваното подрачје за македонскиот случај;

Соодветност на освртот на литературата од анализираното подрачје;

Јасност во дефинирањето на проблемот и на целите на истражувањето;

Соодветност на описот на контекстот и информациите (соодветност на анализата на трендовите во анализираното подрачје во Република Северна Македонија);

Соодветност на користениот статистичко-економетриски пристап;

Конзистентност и логичност на тезите во трудот;

Заклучоци и препораки и нивната соодветност.

Кој е крајниот рок за доставување на трудовите?

Краен рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2025 година.

Од што се состои Годишната награда?

Наградата е во парична форма, којашто за првонаградениот труд изнесува 130.000 денари, додека втората награда изнесува 65.000 денари.

Каде е објавен конкурсот?

Конкурсот е објавен на следнава врска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП