11 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДолгот во развиените економии предизвикува загриженост кај рејтинг агенциите

Долгот во развиените економии предизвикува загриженост кај рејтинг агенциите

Растечкиот долг на САД и другите напредни економии беше нагласен од две агенции за кредитен рејтинг, при што „S&P Global Ratings“ предупредува дека само силниот пазарен притисок може да ја промени траекторијата.

Анализите на земјите од Г-7 и другите напредни економии го ставаат центарот на вниманието на нивните долгови во недела кога две од тие земји се соочуваат со важни парламентарни избори. Претходно, Банката за меѓународни порамнувања предупреди дека владите во овие земји се ранливи на нагло губење на довербата, пишува „Bloomberg“.

Во својот извештај, „S&P“ сугерира дека изгледите САД, Италија и Франција да можат да го одржат долгот на сегашното и онака високо ниво е далечна.

„Во оваа фаза од нивните изборни циклуси, само нагло зголемување на притисокот на пазарот може да ги убеди овие влади да спроведат порешителна фискална консолидација. Сепак, наглото влошување на условите за задолжување, исто така, би ја зголемило големината на неопходното фискално прилагодување“, пишуваат аналитичарите.

Во меѓувреме, „Scope Ratings“ нагласи дека континуираните повисоки трошоци за позајмување дополнително ќе ги оптоварат буџетите на овие земји – промена што „ќе ги зголеми влоговите за одржливост на државниот долг“.

Двата извештаи беа објавени на денот кога американските пазари останаа затворени за прославите на Денот на независноста, а анализата дојде во чувствителен период од изборниот циклус во САД, Франција и Велика Британија. Американскиот претседател Џо Бајден се соочува со зголемен притисок да се откаже од претседателската трка, граѓаните во Британија гласаа вчера, а Французите ќе го дадат својот глас за нов парламент овој викенд.

Во неделата, Банката за меѓународни порамнувања објави извештај придружен со предупредувања од главниот економист Калудио Борио, кој рече дека искуството на пазарот покажало дека „работите изгледаат одржливи додека одеднаш веќе не се“.

САД, како најголема светска економија, останува центар на загриженост. Минатата недела Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја критикуваше земјата за задолжување. Во вторникот, гувернерот на Федералните резерви Џером Пауел повторно призна дека „нивото на долгот што го известуваме не е неодржливо; патот по кој одиме е неодржлив“.

И „S&P Global Ratings“ и „Scope Ratings“ обрнуваат внимание на честите дебати во американскиот Конгрес за плафонот на долгот. Аналитичарот од „Scope“, Денис Шен истакнува дека ваквите дебати покажуваат колку е тешко да се поправат јавните финансии.

„Ако во оваа фаза е потребна заканата од неисполнување на обврските за да се наметнат релативно скромни намалувања во Законот за фискална одговорност од 2023-та година, тоа го нагласува притисокот што можеби е потребен за да се обезбеди стабилна траекторија на долгот“, напиша тој.

Слично на тоа, Гил од „S&P“ го нагласи недостатокот на консензус во САД за потребата од фискално ограничување.

„Широката, двопартиска поддршка за проактивни мерки за значително намалување на високите фискални дефицити и ограничување на растот на националниот долг е недостижна“, рече тој, додавајќи: „Ова влијае на кредитната способност“.

Франција, чии предвремени избори ги поттикнаа инвеститорите загрижени за фискалната решеност на земјата да бараат повисока премија за нејзиниот долг, исто така го привлече вниманието на рејтинг-фирмите.

„S&P“ забележа дека изгледите за јавните финансии сега се понеизвесни, додавајќи дека ако изборите во недела доведат до ќор-сокак во францускиот парламент што не може да се договори за буџетот, тогаш ќе се спроведе оној за 2024-та година.

Сепак, Шен од „Scope“ предупреди дека зголемениот долг таму може да предизвика поголема загриженост кај инвеститорите по „значајното“ проширување на распонот на обврзниците на земјата во однос на нивните германски еквиваленти.

„Новата влада мора да ја продолжи соработката со соседите на Франција и со Европската унија и да продолжи со конзистентна фискална консолидација. Распонирањето лесно може дополнително да се прошири доколку одржливоста на францускиот долг биде доведена во прашање“, рече Шен.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП